
Дуле беше склон кон некои работи, одеше со глава во ѕид. Пробавме се што можевме. Но ни јас психички не можев да издржам и на крај се раздвоивме – вели Коки, едната половина од некогаш славните Дуле и Коки. По смртта на Дуле, Коки вечерва во емисијата Еден на Еден отворено зборува за животот и времето поминато со Дуле:
Беше многу интелегентен, играше на своја карта, знаеше многу луѓе, беше мангуп, го сакаа многу луѓе, а не беше свесен дека го сакаат. Сите пробавме сѐ да направиме, но тие што бевме најблиску до него бевме отфрлени. Не сакаше да разговараме за неговиот проблем. Поминавме плачење, смеење, гушкање… Идевме во сите можни болници, во странство… Сопственици на болници прашуваа што да направат, но мислам дека беше кратко. Тој реши до крај да остане со алкохолот. Се враќаше секогаш. Не влијаеше ништо на него. До последен момент сакаше така… На времето пиев многу повеќе од него. Не се сеќавам за дваесет години наназад. Секој ден трошевме многу на пиење. Советите биле бадијала. Мислевме утре пак ќе биде… Ама сето тоа се одрази на неговиот живот. Јас во 2007 година станав едно утро, имав една слика пред себе… Си реков доста е, затворив книгата… Веќе не може вака и расчистив со тој живот што не води никаде. Решив да го сменам животот… Магистрирав, се оженив, дете, се вработив… Уште свирам и функционирам, но се откажав од тој живот што го имав. Гледањето на работите е поинаку. Но Дуле продолжи. За него не беше сфатлива мојата одлука. Имавме и несогласување, дека се правам добриот. Му реков ќе свириме, но не можам ваков живот повеќе. Немав време да се осознаам кој сум и што сакам. Не ни спиевме… Пробувавме и во Белград, Бугарија, Русија, Австралија… Престанавме да функционираме последната година-две. Но јас по свирка одев дома. Пак ќе кажам, беше многу паметен, но и многу горделив. Некои работи не сакаше да си ги признае сам на себе. Знаев дека идеше нешто лошо, но не знав кога и што. Се немавме видено два месеци. Се немавме ни видено. Тој ден го чекав другар ми да одиме да го видиме во болница. Но на пола пат ми се јави мајка му да ми каже… Лошо звучи, но бев подготвен дека ова ќе се случи. Иако се надевав дека пак ќе се избори за живот. Не му беше првпат да биде во болница. Тешко ми е, функционирам. Музиката е мојата професија и продолжувам со животот. Во Штип сум професор во средното музичко училиште. Но не стигнав да се збогувам со него… Имавме муабети, ќе го фатев во тесно и му кажував дека сум со него до крај… Но ја фати кривината и не можев да го додржам. Не знам колкумина можат да се пофалат со другар со кого 20 години си спиел и живеел во исти стан, си деле сѐ. Сега не сум подготвен да испратам порака, некои работи треба да ги средам, и во срцето и во мозокот, но овој живот треба да се искористи, секој чекор треба да биде искрен, да оди напред. Употребете ги емоциите. На секој чекор сме пред некоја пречка. Но не е се толку страшно во животот. Луѓето умираат, тоа е животот. Дајте попозитивно да ги гледаме работите. Чeсно да го живееме животот.
Тој најави дека ќе излезе и четвртиот албум Почеток и крај, со песни кои ги снимиле со Дуле.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


