Џибони по четири годишна пауза, синоќа приреди неверојатен концерт за македонската публика, на кој гости беа неколку познати музички имиња од нашата естрада. Пред концертот настапи Ламбе Алабаковски, а виртуозот на гитара Влатко Стефановски го придружуваше Џибони на неколку песни пред македонската публика.

Непосредно пред големиот концерт кој го одржa синоќа во Скопје, Џибони заедно со членовите на тимот со кој допатува, одбра да ужива во македонските вино, специјалитети и друштво во луксузниот ресторан на Винарија Стоби кои му приредија специјално изненадување.

За добредојде на кантавторот, винаријата Стоби му подари вино Мерло со етикета на која беше отпечатен ликот на Џибони. Хрватската музичка ѕвезда воодушевена од изненадувањето но пред се од квалитетот на вината кои ги дегустираше и од вкусната храна подготвена во реномираниот ресторан, помина неколку интересни часови во дружба со менаџментот на винаријата.

-Повеќе пати сум доаѓал во Македонија, но посетата на едно вакво скриено богатство како што е ресторанот на Винарија Стоби е вистинско доживување на една земја и култура. А мое убедување е дека преку храната, виното и песната се запознаваат и зближуваат народите. Навистина сум импресиониран од квалитетот на вината и одличната храна што ги пробав тука, како да запознав една сосема поинаква Македонија. Сигурен сум дека во секое мое наредно доаѓање, ова место кое ми пружи неверојатно искуство ќе се најде на списокот на работите кои би сакал повторно да ги посетам, изјави Џибони.
За време на винската тура во Винарија Стоби, посетата на производствените капацитети и барик-одделот, Џибони не успеа да ги сокрие импресиите од концептот на функционирањето на винаријата. Пројавувајќи интерес за секој вид на вино посебно, како се прави, во комбинација со каква храна се пие и на која температура се дегустира, Џибони ја напушти винаријата побогат со многу нови искуства и познавања од областа на енологијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


