| четврток, 6 декември 2018 |

Срѓан Керим: Можно е да се кандидирам за Претседател на Македонија, ако имам поддршка од една политичка партија

Срѓан Керим не крие дека постои можност за да кандидира за Претседател на Македонија, пренесува „Прес 24“. Тој во интервју за овој медиум вели дека за претседателска кандидатура може да стане збор само доколку за тоа добие поддршка од некоја политичка партија.

-Медиумите секогаш имаат потреба да излегуваат со проценки, прогнози, па и шпекулации во однос на значајни настани во политичкиот живот. А претседателските избори во секој случај можат да се вбројат во такви настани. Според тоа најнормално е што се спомнуваат повеќе имиња, меѓу кои и моето во досегашните анализи и коментари. Досегашната пракса во демократска Македонија недвосмислено покажува дека без поддршка на една политичка партија не е реално да се зборува за кандидатура. Токму затоа, и во мојот случај сметам дека под услов да има таква поддршка ќе може да стане збор за евентуална претседателска кандидатура, вели Керим.

Тој вели дека на последните претседателски избори ја одбил кандидатурата, бидејќи СДСМ предложиле тој да биде консензуален кандидат а за тоа воопшто не го консултирале.

-Кога веќе ги споменувате минатите претседателски избори добро би било работите да се допрецизираат. Имено предлогот на СДСМ беше да бидам нивни заеднички кандидат со ВМРО-ДПМНЕ. Притоа нити јас нити ВМРО-ДПМНЕ не беше претходно консултиран. Не е потребно да се има големо политичко образование за да се разбере зошто во такви околности не ја прифатив кандидатурата. Верувам дека овој пат таков или сличен гаф нема да се случи, вели Керим.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top