По одлуката на Владата на премиерот Еди Рама дека Албанија нема капацитет да го уништи сириското хемиско оружје, реагираше поранешниот албански премиер и екс лидер на демократите, Сали Бериша со барање Рама да си поднесе
оставка, зашто никој во светот повеќе не му верува, јави дописникот на МИА од Тирана.
– Го повикувам Еди Рама, заради светоста на Бога и на Албанија да си поднесе оставка доколку му останала и честичка одговорност и достоинство. Поднеси си оставка зашто на ова тло, Албанец или странец, повеќе никој не ти верува! Бог да ја благослови младината на нашиот народ, напиша на Фејсбук Бериша.
– Албанската младина триумфираше над измамата на Еди Рама. Таа, со историскиот протест, го победи човекот кој го измами светот, сојузниците и Албанците, напиша Бериша.
По обраќањето на Рама реагираше и американската Амбасада во Тирана, наведувајќи дека официјален Вашингтон ја почитува одлуката.
– Ја почитуваме одлуката на премиерот. САД го цени фактот што владата на Албанија сериозно ги разгледа меѓународните напори за елиминирање на хемиското воено оружје на Сирија на безбеден начин, стои во соопштението на Амбасадата.
Во него се нагласува дека САД ќе продолжат да работат со сојузниците и партнерите, како и со светската организација за да обезбедат уништување на програмата на хемиското оружје во Сирија и оти меѓу САД и Албанија постои силно и долговечно пријателство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


