| четврток, 6 декември 2018 |

МВР: СДСМ да не ги злоупотребува малолетниците

mvr

Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) да не ги злоупотребува малолетниците и инцидентите, апелира Министерството за внатрешни работи по денешната изјава на партискиот портпарол Петре Шилегов, во која тој оцени дека инцидент во автобус кај Стајковци е резултат на политиките на поделеност и конфликтност во општеството.

– Целосна лага и измислица е наводното „неоткривање и несанкционирање“ на учесниците. Најголемиот дел од инцидентите кои се случија во првите девет месеци од годинава се целосно документирани. Идентификувани и пријавени се 140 лица, главно малолетници кои учествувале во насилни инциденти. Против 21 од нив се поднесени крвичини пријави поради сомнение дека сториле кривични дела „убиство во обид“, „тешка телесна повреда“ и „насилство“. Против останатите 119 лица се поднесени барања за поведување прекршочна постапка заради „физички напад“, „предизвикување, поттикнување и учество во тепачка“, „нарушување на јавен ред и мир во заеднички простори, во двор или училиште“ и „занемарена грижа на дете од страна на родител или старател“, се вели во реакцијата на МВР.

Доколку, како што е наведено, СДСМ преку изнесените лаги сака да стимулира разгорување на инцидентите, МВР укажува дека станува збор за погубна политика и апелира граѓаните да не ги сфаќаат сериозно ваквите настапи на опозицијата.

– Секој што бил инволвиран во некаков инцидент ќе биде идентификуван и изведен пред лицето на правдата, како што 140 лица веќе се соочија со органите на прогонот, стои во реакцијата на МВР.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top