
Манчевски на познатата чешма Упија во Галичник
Кирил Манчевски остави неизбришлива трага во македонската народна музика градејќи единствен стил на интерпретација исполнет со лиризам и со препознатливи прецизни мелодиски орнаменти. Неговиот префинет, неповторлив глас преполн со емоции, едноставно, го хипнотизира слушателот, а неговите лирични експресивно обликувани рубато песни мошне нежно и префинето се претопуваат во тишината, чиниш молитва.
Манчевски е роден во дебарското селото Броштица, на 8 ноември 1936 година. Тој е едно од четирите машки деца и две девојчиња во скромното семејство Манчевски. Неговото родно село е во општина Центар Жупа, Дебарско, кое е распослано на западните падини на планината Стогово.
Во ова живописно село до пред десетина години живееја седумстотини жители, кои сега по масовната печалба само во текот на летото се собираат да запеат некоја од песните на нивниот некогашен соселанец. Горди се на својот Кире, чиишто песни сѐ уште се пренесуваат од колено на колено. Тие со посебен пиетет се грижат за старата црква каде што е крстен и со гордост зборуваат за семејството Манчевски, особено за музичкото дело на Кирил. Од истото село е уште една македонска фолк-легенда Мирвет Беловска.
А, уште еден познат и признат македонски уметник е семејно поврзан со прекрасниот вокал. Режисерот на филмот „Пред дождот“ и добитник на „Златниот лав“ во Венеција, Милчо Манчевски е дел од неговото семејство и наследник на Кирил.
Детството му поминало во војна, со сите страдања што го носи таа. Потоа животот го однел во Скопје, каде што работел како металски работник – дреар. Во повоената Македонија активно се вклучил во обновата на земјата. Тие што го познаваат велат дека бил скромно момче со бујна кадрава коса, многу едноставно и искрено, кое преку песната ја отворило својата благодарна душа. Современиците за него велат дека преку песната допирал со сечие срце и никого не го оставал рамнодушен, а пријатели за него додаваат дека бил голем другар, кој знаел да ги чува тајните што му ги доверувале.
Во почетокот на 50-тите години на минатиот век Манчевски е откриен како музички талент. Настапувал и како солист и во дует, особено со Виолета Томовска. За овој дует музичките критичари велат дека е, можеби, и најдобриот што досега се случил на македонската музичка сцена.
– А, првпат Манчевски отпеа дует со мене. Во далечната 1958 година, во тогашното Радио Скопје, со народниот оркестар ги отпеавме во дует двете песни – „Мирјано, Мирјано слушај што вели Ѓорѓија“ и „Дали си се наспало’’ – вели Анка Гиева.

Еден од најдобрите дуети – Виолета Томовска и Кирил Манчевски
Во 1963 година вујкото на Виолета Томовска, Благој Петров – Караѓуле им организира тримесечна турнеја во Канада и во САД, заедно со КУД „Танец“. Една година подоцна Манчевски и Томовска стануваат ексклузивци на Радио-телевизија Белград. Истата година излегува и неговата златна плоча. Нивното дружење од естрадата прераснува во мошне блиско фамилијарно пријателство.
– Станавме кумови и бевме многу блиски. Заедничкото дружење беше многу битно во изведувањето на нашите дуети. Се читавме со поглед – вели Виолета Томовска.
Но, за жал, прераната смрт ќе го оддели Манчевски од естрадата и од пријателите. По долго и тешко боледување, Манчевски умира на крајот од четвртата деценија на својот живот. Тој ќе остане запишан како еден од великаните на градската, лирска и елегична македонска народна песна. Денес неговите песни се антологиски и го имаат истиот ефект врз слушателот како и пред речиси четири децении.
Во неговиот богат репертоар доминантно место заземаат градските, лирските, печалбарските и патриотските песни. Во песната „Запеј песна Македонко“ тој пее за разделените браќа и сестри со граници на поделената македонска земја. Ги повикува Македонците од сите три дела да се обeдинат, што во тоа време било и голема храброст.
„Запеј песна Македонко,
ти испрати голем поздрав надалеку
поздрави браќа, сестри на три страни
од Охрид, до Пирин, дур’ до Солуна…“Гостувајќи со разни македонски фолклорни ансамбли, тој пред домашната и светската јавност ги презентира едни од најубавите песни на богатата македонска фолклорна музичка ризница.
И за нашиот врвен интерпретатор на народни песни Наум Петрески, Манчевски е вистинска музичка инспирација. Особено е одушевен од „мекоста“ на неговата интерпретација.
– Јас секојдневно и задолжително се „хранам“ со песната на Манчевски независно дали сум дома или некаде патувам. Неговиот глас е мевлем за душата и врз мене влијае мошне смирувачки – вели Петрески.
Манчевски е еден од плејадата врвни интерпретатори, кој оставил неизбришлива трага во македонската народна музика. Со својата нежна интерпретација го разгалува срцето на слушателот. Слушањето на неговите песни е вистинско уживање. Едноставно ве плени со својот глас и ве тера да ги потпевнувате неговите рефрени. Делото на Манчевски е дело за незаборав.
Во 60-тите и во почетокот на 70-тите години од минатиот век ги отпеал антологиските песни:
„Девојче тенко високо“
„Изникнало криво крувче медено“
„Лино моме Севдалино“
„Ајде сонце зајде“
„Бог да убие Дебрани“
„Кога си тргнав в туѓина“
„Абер дојде Донке“
„Запеј песна Македонко“
Денес синот Зоран и ќерката Снежана живеат во Германија и имаат свои семејства. Браќата и сестрите на Кирил, исто така, имаат свои семејства и сите живеат во Скопје. За жал, од многубројната фамилија никој не се занимава со музика и Манчевски нема следбеник што ќе го продолжи неговото дело.
Текст објавен во 3. број на неделникот Република (14 септември 2012)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Во 60-тите и во почетокот на 70-тите години од минатиот век ги отпеал антологиските песни: