На 15 и 16 ноември во НУБ Св. Климент Охридски во Скопје по четврти пат ќе се одржи манифестацијата Стипендии ЕКСПО, во организација на Образовниот информативен центар од Скопје.
Стипендии ЕКСПО единствен меѓународен настан од ваков вид, кој е од национално значење за Македонија. Главна цел на манифестацијата е промовирање на огромното значење што стипендиите го имаат за отворање и зголемување на пристапот до високото образование.
Манифестацијата на едно место ги собира универзитетите, министерствата, амбасадите и културните центри во Македонија, како и претставници на бројни компании, фондации и невладини организации.
Во интерес на студентите, повторно и оваа година, на самиот влез воведен е електронски систем за регистрација на посетители, кој им овозможува на институциите да стапат во директен контакт со студентите заинтересирани за стипендиските програми кои тие ги нудат.
Спонзори на манифестацијата Стипендии ЕКСПО 2013 се универзитетите: Politecnico di Milano, Universita Cattolica del Sacro Cuore, Аmerican College of Thessaloniki, HULT International Business School и Algonquin College.
Годинава учествуваат 26 учесници од 16 земји, Италија, Германија, САД, Холандија, Велика Британија, Шпанија, Турција, Србија, Австралија, Канада, Грција, Франција, Унгарија, Бразил, Кина и Обединети Арапски Емирати.
Влезниците за Стипендии Експо 2013 се бесплатни и може да ги добиете на самиот влез на манифестацијата. За да добиете влезница потребно е да ја пополните пријавата со своите податоци. Секоја влезница има свој уникатен идентификациски број кој го означува идентитетот на посетителот. Манифестација годинава е поддржана од Амбасадата на Канада.
Официјалното отворање на манифестацијата е закажано за 15ти ноември (петок) во 10 часот во холот на НУБ Св. Климент Охридски – Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


