Момчето кое во саботата падна од провалија висока 20 метри кај изворите на Бабуна под Солунска глава, починало поради удар со глава во камен, информираат од велешката полиција.
– „Планинари, помош, планинари, помош!“ Неколкумина млади извикуваа на цел глас оддалечени стотина метри од изворите на реката Бабуна под Солунска Глава. Се стрчавме да им помогнеме и погледнавме кон правецот каде што панично покажуваа. Сликата беше стравотна. Во бездна длабока 80 метри крај реката лежеше младиот планинар, кој изгледаше беспомошно.
Ова за „Дневник“ го раскажа Петар Ставрев, битолски планинар и очевидец на трагедијата што се случи во саботата кога во близина на изворите на реката Бабуна на еден километар од планинарскиот дом „Чеплес“ загина Атанас Лиасовски (24) од Скопје, кој бил рекреативен планинар.
Лиасовски кој за првпат се искачувал на планината Јакупица, движејќи се по карпа во висина од 20 метри паднал во провалијата и со главата удрил на камен крај реката Бабуна.
Заедно со него била и неговата девојка и повеќемина негови другари. Искусниот битолски планинар Ставрев раскажува за трагедијата што ја снашло групата планинари, кои се движеле од Битола кон Солунска Глава.
Пред трагедијата деветмина планинари од Битола, кои го посетиле изворот на Бабуна, се разминале со група од 18 скопјани, кои се упатувале кон изворите.
Откако ги чуле повиците за помош, искусните планинари од Битола веднаш се вратиле назад за да му помогнат на несреќниот планинар.
Искусниот битолски алпинист Благојче Лазаревски веднаш и без размислување слегол во стрмната бездна. Се доближил до момчето, му дал прва помош и се обидел да го врати во живот, но неговите обиди биле безуспешни.
– По извиците за помош, Лазаревски, кој некогаш беше дел од експедицијата на Димитар Илиевски-Мурато, првиот Македонец што се искачи на Монт Еверест и кој е член на Горската служба за спасување, без двоумење слезе да му помогне на момчето. Иако теренот е стрмен, Лазаревски пожртвувано се спушти долу. За жал, момчето имаше тешки повреди на главата. Пулсот првин му беше слаб, а потоа не се чувствуваше – раскажуваа Ставрев.
Битолските планинари веднаш ја известиле полицијата, а алпинистот Лазаревски останал во кањонот на Бабуна сe додека не дошол полицискиот хеликоптер.
Полицискиот хеликоптер дошол околу 17.30 часот, по што со сајла долга стотина метри било извлечено телото на младиот планинар и веднаш било однесено во градската болница „8 Септември“ во Скопје, каде дежурниот доктор само ја потврдил смртта.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Трактор во кој имало четири деца тргнал сам по удолнина, едно дете (10) загина на место
-
Уште една трагедија: Загина мотоциклист
-
Зад себе ги остави синовите Стојмен и Ненад: На денешен ден во Слупчане животот го загуби Синиша Стоилов
-
Тешка сообраќајна несреќа на патот Велес – Скопје, едно лице загина