Реномираната готска куќа во Виндзор, која беше искористена за снимањето на филмовите „Дракула“ и ‘Rocky Horror Picture Show’ е продадена на индискиот конгломерат „Сахара груп“, пренесуваат медиумите во Индија.
Имотот е купен за 27 милиони фунти, а Субрата Рој во ексклузивно интервју за „Тајмс оф Индија“ вели дека имотот има 120 соби, вклучувајќи 11 луксузни апартмани, како и дополнителни објекти за состаноци и конференции и ќе служи како седиште на компанијата во Обединетото Кралство.
– Нема да го претвориме во хотел, меѓутоа ќе го употребиме како седиште на нашата компанија во Британија. Имотот се протега на 40 хектари земја и претставува една од најлегендарните готски градби во Обединетото Кралство – изјавил Рој за „Тајмс оф Индија“.
„Сахара груп“ веќе има свој имот во Велика Британија. Во нејзина сопственост е хотелот „Grosvenor House“, вреден 470 милиони фунти. Хотелот има 420 соби, 74 апартмани и 27 соби за состаноци.
Во меѓувреме, последната вест за која пишуваат индиските медиуми говори дека „Сахара груп“ може да го збогати своето бизнис-портфолио и да влезе во бизнис со висока мода. „Сахара груп“ е во преговори за купување на мнозинскиот сопственички пакет на „Genesis Luxury“, компанија која ги претставува и продава модните брендови Armani, Burberry, Canali, Paul Smith и Jimmy Choo во Индија. Оваа трансакција е проценета на 40 милиони фунти.
Genesis во мината фискална година бележеше раст на продажбата за 10-15 %, а во моментов е во преговори со нови брендови од секојдневниот стил, кои се очекува да ги пласира на пазарот следната година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.