Од денес родителите и старателите кои во училиштата оставиле контакт телефон имаат можност, еднаш неделно на својот мобилен телефон да добиваат бесплатна СМС порака со информации за тековните активности, оценки и поведение на нивните деца, информира денеска министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
Министерот информираше дека оваа услуга е овозможена благодарение на напредниот систем на електронскиот дневник, дел проектот „Информиран родител“, содржан во Програмата за работа на Владата на Република Македонија.
– СМС услугата ќе се реализира преку трите мобилни оператори во земјата кои беа вклучени во тест-периодот. Се активира по желба на родителот којшто ги оставил основните податоци кај класниот раководител на паралелката каде што учи неговото дете, а кои се внесуваат во системот на електронскиот дневник. Оние родители кои досега не оставиле контакт телефон, можат да го сторат тоа во било кое време, додека, за родителите кои не сакаат да добиваат СМС пораки како неделен извештај, постои опција истите информации да ги добиваат на нивната електронска пошта, појасни Ристовски на денешната прес-конференција.
Министерот потенцираше дека успешноста на СМС услугата зависи од одговорноста на наставниците.
– За да можат родителите да добиваат прецизни податоци, потребно е наставниците редовно на неделна основа, согласно законската регулатива, да го ажурираат електронскиот дневник, од каде потоа се продуцира извештајот во форма на СМС порака. Сите предуслови за непречено користење и пополнување на електронскиот дневник се обезбедени од страна на министерството, така што не очекувам да има било каков проблем, или пак, да се појави отпор кај наставниците да го реализираат својот дел од обврската, потенцира министерот за образование и наука.
Тој најави дека Државниот просветен инспекторат ќе ги продолжи интензивните контроли и во следниот период, единствено, како што рече, заради овозможување на целосна функционалност на електронскиот дневник, ажурност на наставниците и информираност на родителите. Ристовски објасни дека доколку се појави проблем, родителите ќе можат да се обратат во Министерството, преку контакт телефон и мејл адреса кои ќе бидат наведени интернет страницата и исклучиво наменети за поддршка при користењето на оваа услуга.
До овој момент во системот на е-дневникот се евидентирани 337.361 родител, од кои 28.591 оставиле само мејл адреса, 64.291 оставиле само телефонски број, а 83.035 родители оставиле и мејл адреса и телефонски број. Останатите родители не оставиле податоци за контакт.
Електронскиот дневник е една од покрупните реформи во македонскиор образовен систем, која, како што вели Ристовски, значително ја подобрила комуникацијата наставник – родител, односно овозможила поголема информираност на родителите за сите тековни состојби и промени во воспитно образовниот процес на нивните деца, преку брз и едноставен увид во информациите од дневникот во пишана форма.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.