Црна Гора е близу до исполнување на критериумите за членство во НАТО и таа треба да биде примена во Алијансата заедно со Македонија, изјави американскиот политички аналитичар Даниел Сервер.
– Македонија и Црна Гора, според мене, треба да одат заедно, не затоа што зависат една од друга, туку затоа што и двете треба да бидат членки на НАТО, нагласи Сервер во изјава за Телевизија Црна Гора.
– Никогаш не знаете кога ќе ви се отворат вратите на Алијансата. Може да ги исполнувате сите услови, но вратите да не ви се отвораат неколку години поради политички причини, дополни Сервер.
Тој изрази надеж дека Германија, која според него треба да игра водечка улога на Балканот, конечно ќе ја види предноста од македонското и црногорското членство во НАТО, па на следниот Самит на Алијансата во Лондон идната година, Берлин ќе „притисне“ за прием на двете земји.
– Мислам дека Германија треба да помогне околу тоа прашање, бидејќи не можете се да препуштите на Американците, кои имаат проблеми и со решавање на прашањата со Иран, Сирија и Северна Кореја, истакна Сервер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


