| четврток, 6 декември 2018 |

Обновена фасадата на Беговата куќа во Гостивар

За да се зачува автентичноста, рачно се изработени и рамките на прозорците на куќата и влезната врата

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска во Гостивар, заедно со директорот на Конзерваторскиот центар ја посети Бе­го­ва­та куќа по повод завршувањето на втората фаза од проектот за конзервација, санација и за реставрација на овој значаен објект.

Стручните лица од Конзерваторскиот центар во целост го извршија и обновувањето на фасадата на објектот, кој е уникатен примерок на автентичната староградска архитектура од 18 век.

– Во оваа фаза е извршена интервенција на конструкцијата на темелите и на меѓукатот и  во целост е обновена фасадата. За да се зачува автентичноста, рачно се изработени и рамките на прозорците на куќата и влезната врата – истакна Канческа-Милевска.

Во првата фаза, која беше реализирана во 2011 година, беше извршена санација на покривот и беа поставени нови олуци. Годинава во рамките на третата фаза ќе се работи на електричната инсталација и внатрешното уредување.

Сопственичката на Беговата куќа, Фикрие Болетин, го изрази своето задоволство од преземените конкретни активности за зачувување на овој вреден објект, односно на големото културно богатство што го наследила од своите предци.

Реализацијата на проектот за објектот Конзерваторскиот центар ја спроведува во три фази и треба да биде завршена оваа година.

Конзерваторскиот центар, со поддршка на Министерството за култура, исто така изврши и надворешна реконструкција на Саат-кулата во Гостивар, која е споменик на културата од 17 век и симбол на Гостивар. Годинава ќе се работи на осветлувањето и на ентериерното уредување на ова културно добро. Со тоа, објектот ќе биде отворен за туристички посети.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top