| четврток, 6 декември 2018 |

Грчката крајбрежна стража пронајде брод со оружје и муниција

brod

Крајбрежната стража на Грција  пронајде товарен брод кој превезувал големи количества оружје и муниција, во водите крај островот Сими во Егејското Море, известија властите ноќта кон саботата.

Сомнителниот брод кој пловел под знаме на Сиера Леоне бил забележан југоисточно до Сими и сопрено од крајбрежната стража. При претресот на бродот било пронајдено оружјето и муницијата, по што е однесен во пристаниште на островот Родос. Осумчлениот екипаж , тројца Турци и пет Индијци, исто така, се приведени и притворени.

Бродот немал соодветна документација од Обединетите нации за транспорт на оружје во зоните на конфликт, а количеството на пратката се чини поголема од наведената во документацијата којшто на грчките власти на увид им ја дал екипажот на пловилото, изјавил неименуван припадник на крајбрежната стража.

Крајбрежната стража на Грција официјално не го објави името на бродот и какво оружје превезувал. Според медиумските сознанија, станува збор за товарен брод „Nour M” кој испловил од пристаниште во Украина и пловел кон турското пристаниште Искендерун со 20 илјади калашникови. Медиумите, исто така, објавија дека вкупно на бродот имало 59 контејнери, од кои во 56 имало оружје и муниција.

Грчки функционер за Reuters навел дека според сателитските податоци, товарниот брод пресретнат во грчките територијални води испловил од пристаниште во Украина. „Бродските документи покажуваат дека бродот пловел кон Либија, но неговата маршрута сугерира дека се насочил во друг правец”, додал неименуваниот фукционер на крајбрежната стража.

Грчките медиуми, пак, пишуваат дека информациите за пристаништата се контрадикторни. Системот Marine Traffic, го покажува сириското пристаниште Тартус, а друг електронски систем укажува дека крајна дестинација е Триполи во Либија. Додека, пак, капетанот на бродот изјавил дека патуваат кон турското пристаниште Искендерун, коешто се наоѓа во провинцијата Хатај во непосредна близина на границата со Сирија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top