| четврток, 6 декември 2018 |

Мекејлеб победува со Фенербахче

Лестер Бо Мекејлеб ја продолжи серијата одлични игри со тимот на Фенербахче Улкер на стартот од новата сезона во Евролигата, откако во четвртото коло ја забележа и својата четврта победа

mccalebb

Откако претходно ги совлада фаворитите Барселона и ЦСКА Москва, македонскиот репрезентативец вечерва беше успешен и на гостувањето против својот поранешен клуб Партизан, каде Фенербахче славеше со убедливи 78:88. Задачата за Мекејлеб и соиграчите воопшто не беше лесна, со оглед на фактот дека Партизан во првото полувреме имаа и двоцифрена предност, но гостите од Истанбул заиграа во својот препознатлив ритам во вторите 20 минути, направија пресврт и на крајот заслужено се радуваа на победата.

Мекејлеб беше меѓу најзабележителните на теренот, завршувајќи го натпреварот со 14 поени, 4 скокови и по три асистенции и украдени топки. Прв стрелец на Фенербахче беше Богдановиќ со 26 поени, додека на Партизан не му помогна ниту одличното издание на Ловерњ, кој беше стрелец на 20 поени на овој одличен меч, кој го одбележаа и низа технички грешки на двете страни (домашниот тренер Вујошевиќ беше исклучен во второто полувреме).

Дербито на колото се играше во Барселона, каде каталонскиот гигант ја совлада ЦСКА Москва со 79-70. Како пресудна се покажа третата четвртина што домаќините ја добија со 27-14, а потоа знаеја како да ја задржат предноста во последните десет минути од мечот. Наваро со 20 поени беше најефикасен кај Барселона, Марселињо беше стрелец на 16 поени, а Анте Томиќ го заврши мечот со 13 поени и 7 скокови.

На останатите натпревари, Нант ја искористи предноста на домашниот терен декласирајќи го Будивелник со 80-61, додека Баерн Минхен во увертирата за домашното дерби против АЛБА Берлин славеше на домашен терен над Уникаха со 82-68. Европскиот првак Олимпијакос стигна до нова победа, овојпат на гостински терен над Сиена со 62-70, а надвор од својата сала славеше и Галастасарај, откако турскиот гигант по тешка битка го скрши отпорот на Зиелона гора (75-78).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top