А.Д. МЕПСО пушти под напон втор 110 киловолтен систем што ги поврзува трансформаторските станици „Битола 2″ и „Битола 3″ со што обезбеди двосистемско далноводно поврзување и создаде двојна врска меѓу двете најважни трансформаторски станици во битолскиот регион. Со новата инвестиција вредна 300.000 евра А.Д. МЕПСО двојно ја зголеми сигурноста во снабдувањето на трансфоматорската станица „Битола 3″ – главен снабдувач на електрична енергија на градот Битола. Со реализацијата на овој проект се обезбедени сите предуслови за посигурно снабдување со електрична енергија на жителите и стопанските субјекти во Битола и околните населени места во претстојната грејна сезона. Втората 110 киловолтна врска ќе ги сведе на минимум ризиците од испади и безнапонска состојба во електроенергетскиот систем во битолскиот регион.
Новиот систем е поставен на постоечкиот далновод во должина од 13 километри, а за негово поврзување А.Д.МЕПСО изгради две далноводни полиња, по едно во двете трансформаторски станици, и инсталираше нова примарна и секундарна опрема за ставање под напон на новиот 110 киловолтен систем. На овој далновод ќе се поврзе и новиот двосистемски вод што ќе ги поврзува трансформаторските станици „Битола 3″ и „Битола 4″, тековна инвестиција во која МЕПСО вложува околу 2,5 милиони евра. Со нејзината реализација ќе се овозможи максимална доверливост на системот и сигурност во снабдувањето со електрична енергија заради тоа што во прстен ќе бидат поврзани сите трансформаторски станици во битолскиот регион.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.