Пејачот што можеше и славеј да натпее. Пејачот за кого музичките критичари запишаа дека можеше да отпее тонови што ниту еден инструмент не може да ги отсвири. Пејачот, кој по Втората светска војна прв прелета преку океанот за да им запее на нашинците на чист македонски јазик. И најпосле пејачот со чиста душа, кој сите го сакаа и му се восхитуваа. „Јас не бев свесна или, ако сакате, многу доцна сфатив дека татко ми за тоа време бил музичка величина или, со денешен речник кажано, музичка ѕвезда”, вели неговата ќерка Роска. Бадев е роден во 1918 година во село Глишиќ близу Кавадарци. На 10-годишна возраст почнал да свири виолина и станува член на фолклорниот ансамбл во Кавадарци и на градскиот хор на Васил Хаџиманов. По војната во 1948 година го прави своето прво деби на програмата на „Радио Скопје“ и, практично, тоа се почетоците на неговата блескава музичка кариера. Негови први песни, кои во 1955 година ги снимил за музичката продукција на „Радио Скопје“ биле „До три ми пушки пукнале”, „Мама Тоде учеше”, „Петлите пеат ден ми се дени“ и други. За тогашното „Радио Скопје“ има снимено повеќе од 200 соло-песни и дуети. За музичките продукции, пак, во поранешна Југославија снимил повеќе од 100 плочи. Првата и незаборавна плоча е направена за песната „Тешка беше нашата разделба”. Во 1964 година ја добил наградата „Златна плоча” на фестивалот „Илидија”, а во 1967 година на фестивалот „Септември во Ивањици“, заедно со својата ќерка Роска, ја освојува првата награда. Песните на Бадев се со лирски мотиви, љубовни, хумористични и со мотиви од секојдневниот живот. Освен како пејач, Бадев бил познат и како собирач на народни песни.
Најпознатите песни интерпретирани од Бадев:
– Три години стана како ме зафана
– Ој, Јано Јано
– Праша ли Тинке мајка ти
– Заплакало селото Ваташа
– Не се бели Маре мори
– Кажи Рајне, кажи душо
– Мори моме Магде
– Стани моме да заиграш
– Ајде дали знаеш паметиш Милице
– Антице море душице
– Болна е легнала
– Дафино вино црвено
– Параходот
Ќерката Роска со гордост зборува за својот татко
Семејството е гордо што Тоше пееше негова песна
За песната „Мајка на Марика думаше“, што пред неколку години повторно ја афирмираше Тоше Проески и која стана вистински хит, неговата ќерка Роска вели: „Многу ми е драго што тоа го направи токму Тоше, а јас момчето го доживував како реинкарнација на татко ми”. „Татко ми, вели Роска, не само што имаше мек глас, туку имаше и мека душа. Дури и некогаш кога ќе се подналутеше, веднаш потоа знаеше да запее. Дома имавме хармоничен живот. Мајка ми му била љубов од детството. Ѝ свирел серенади и така ја освоил“. Роска се сеќава дека нејзините баба и дедо не ја одобрувале љубовта на нејзините родители, па мајка ѝ „отишла бегалка”. Но, подоцна дедото и бабата најмногу си го сакале зетот. „Мојот татко беше исклучителна личност. Пленеше со својата едноставност. Луѓето го сакаа и го почитуваа. Но, сепак, стожерот на нашето семејство беше мајка ми. При долготрајните турнеи таа ја преземаше целата грижа за нас, а татко ми ѝ оддаваше признание“, гордо и под силни импресии раскажува Роска Бадева.
Имав неполни 20 години и првпат настапив пред толкава публика. Бев возбудена и малку подисплашена. Но, татко ми беше тука да ме охрабри. Нашиот настап беше проследен со долготраен аплауз и со овации. Откако ја примивме наградата, сите сакаа да се фотографираат со нас, од татко ми бараа автограм, сакаа да го допрат, гушнат и тогаш сфатив дека татко ми е голем пејач, а дека мене ми се случи нешто големо.
Последната заедничка фотографија со неговата мајка
Подмолна болест го зеде доајенот?!
Роска Бадева низ солзи се сеќава на далечната 1968 година, кога му била направена тешка операција на татко ѝ, кога му бил отстранет канцер на желудникот. „Поради духот што го имаше татко ми, брзо закрепна и изгледаше поубаво од претходно. Но, по осум години болеста му се обнови и набрзо потоа почина. Тоа за сите нас беше вистински шок“, вели Роска. Оттогаш, па до денес таа е посветена на мисијата да го сочува и презентира делото на татко ѝ. Бадев има испеано повеќе дуети, а неговите најпознати песни ги имаат изведувано и Атина Апостолова, Анка Гиева, Виолета Томовска, Гоце Арнаудов, Наум Петрески и други. Еве што вели доајенот на македонската изворна песна, Виолета Томовска: „Бев девојче кога Бадев првпат дојде на концерт во Битола. Кога почна да пее, публиката, едноставно, занеми. На крајот од секоја песна следуваа долготрајни аплаузи и овации. Неколку пати беше враќан на бис, а девојките трчаа по него за да земат автограм или да добијат нешто за спомен. Првпат бев сведок на таква еуфорија. Бадев беше вистинска ѕвезда“. Среќна и горда што отпеала неколку дуети и била на турнеи со него, Виолета Томовска памети дека секаде биле срдечно дочекувани, а Бадев имал третман на врвен интерпретатор. Врвната интерпретаторка на македонската народна песна Анка Гиева се сеќава на заедничките средби и турнеи со Никола Бадев. „Јас, Виолета Томовска, Сариевски и Бадев бевме првата пејачка група под името ’Китка‘, која со оркестарот на Кочо Петровски отиде на турнеја во Австралија. Таму бевме пречекани со невиден публицитет, а нашинците, едноставно, не се одвојуваа од нас. Бев сè уште млада и сфатив дека е вистинска привилегија да се биде во друштво на толку голем пејач и уметник каков што беше Бадев“, вели Гиева. Бадев е ненадминат глас во македонската народна музика. Неговиот лик и дело оставија неизбришлива трага во македонската уметност и култура. Бадев беше голем пејач и голем човек. Ќе остане запаметена неговата изјави дека песната е неговиот живот и, навистина, живееше така.
Текст објавен во 2. број на неделникот Република (14 септември 2012)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.