Дури по составувањето на новата германска влада ќе може да се знае поточно дали Германија поинтензивно ќе се зафати околу надминување на разликите меѓу Македонија и Грција, оценува Тајсон Баркер, директор за трансатлански односи на големата германска фондација „Бертелсман“ во Вашингтон, една од водечките германски аналитички организации во САД.
Германската канцеларка Ангела Меркел неодамна се сретна со посредникот во овие разговори, амбасадорот Метју Нимиц, но, според Баркер, мора да почекаме да завршат маратонските преговори на Меркел за состав на новата влада со помалиот партнер – Социјалдемократската партија, и да се види кој ќе биде новиот германски министер за надворешни работи.
– Сѐ зависи од тоа кој ќе го добие Министерството за надворешни работи. Не можеме да кажеме ништо додека не видиме кој ќе ја земе таа функција. Во моментов изгледа дека тоа ќе биде некој од СПД, но не се знае уште кој. Кој и да биде, ќе биде подобар кандидат од Вестервеле и подобро упатен во потребите на меѓународната политика бидејќи на Вестервеле му требаше долго време да се навикне на задачата – вели Баркер.
Македонија и целиот Западен Балкан се прашања кои ќе зависат од личниот интерес на новиот министер за надворешни работи. Самата Меркел нема да се занимава со Балканот. Таа ќе работи на големите сили, како Русија, објаснува Баркер.
Американскиот професор Даниел Сервер неодамна повика САД и Германија да се ангажираат во врска со надминување на спорот за името и да извршат притисок врз Грција конечно да се деблокираат преговорите за членство на Македонијаза во Европската унија и во НАТО.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


