
Во зградата на британската амбасада во Берлин, сместена на неколку метри од Бундестагот и од канцеларијата на Меркел, бил сместен уред за шпионирање, пишува британскиот весник Индепендент. По новиот шпионски скандал, Берлин побарал објаснување од амбасадорот на Британија.
Иако германското министерство за надворешни само го замолил амбасадорот на Британија Симон Мекдоналд, „доколку сака“ да дојде на разговор, што се смета за не толку сериозен дипломатски потег, треба да се напомене дека ваков дипломатски начин на комуникација меѓу овие две земји последен пат бил користен во текот на Втората светска војна.
Според Индепендент, британскиот шпионски систем бил лоциран на покривот од зградата во амбасадата во Берлин. Не е јасно за каков систем станува збор. Индепендент во исто време го опишува начинот на кој ЦИА и НСА собирале податоци низ целиот свет. Споменуваат и „шпионски бази“ во американските дипломатски претставништва кои најчесто се поставувале на покривите на диплиматските згради. Според весникот, ЦИА и НСА во Европа и централна Азија имале оперативни центри во Атина, Баку, Будимпешта, Виена, Франкфурт, Киев, Мадрид, Милан, Москва, Париз, Прага, Приштина, Рим, Сараево, Загреб, Тбилиси, Тирана и Женева.
Од сите спомнати центри информациите се испраќале во британската воена база во Нортамтоншир, од каде се препраќаат во заедничкиот американско-британски центар во сојузната држава Мериленд. Сето ова се одвивало врз основа на американско-британскиот договор за делење на разузнавачки податоци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


