| четврток, 6 декември 2018 |

Фото: Средновековна црква откопана во Љубаништа

lubanista2

Остатоци од средновековна црква, изградена од камен и варов малтер, како и уште еден објект на ранохристијанска базилика се откриени на локалитетот „Рајца – Манастирите“ во атарот на охридското село Љубаништа.

Како што појаснуваат од Заводот за заштита на спомениците на културата Охрид, остатоците ги пронашле стручни екипи на Заводот, при последните археолошки истражувања на локалитетот во Љубанишко Поле.

Станува збор за значајни наоди, делови од градежните структури на два објекти, меѓу кои и остатоци од средновековна црква, со димензии 12 метри должина и 7 метри широчина.

lubanista

Во близина на остатоците од првата градба констатиран е уште еден објект на ранохристијанска базилика изграден од камен, малтер и редови тули. Објектот е со широчина од 13 метри, а во тек е истражувањето на должината за која се претпоставува дека е над 17 метри. За време на сондирањето, констатирано е добро зачуван мозаичен под кој е високо технички и уметнички изведен, со фитоморфна орнаментика. Исто така на самите ѕидови откриени се и фрески.

lubanista3

Истовремено, во текот на истражувањето пронајдени се и повеќе елементи од камена пластика, а во моментов се работи на откривање на западниот ѕид.

На втората локација за време на истражувањата откриен е дел од еден поголем, комплексен објект, кој според претпоставките на археолозите, е од профан карактер. Според одредени показатели, објектот временски припаѓа на доцната антика и најверојатно станува збор за цивилна градба.

lubanista4

Планирано е археолошките активности за 2013 година да завршат до почетокот на декември, со што ќе бидат утврдени границите на локалитетот за да се изготват заштитно конзерваторските основи. За наредната година предвидено е доистражување, конзервација и финална презентација.

lubanista1

Локалитетот „Рајца“ се наоѓа во Љубанишко Поле, во западното подножје од ридот на кој се наоѓа селото, веднаш до патот за авто кампот „Љубаништа“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top