Владата на Либија ги предупреди нафтените компании да не купуваат нафта од извозниот терминал во градот Брега, што од летоска се наоѓа под контрола на паравоените групи од источниот дел на земјата. Во острото владино соопштение се вели дека освојувањето на главниот нафтен терминал е пример за насилство врз либискиот суверенитет, како и криминал за кој е казнив според законите. Реакцијата на официјален Триполи доаѓа по сознанието дека некои нафтени компании се обидуваат да купат нафта од освоениот терминал и се во директни преговори со милитантите.
Еден од водачите на овие групи претходно најави дека тие самите ќе продаваат нафта, обвинувајќи ја централната власт, а посебно министерството за нафта, за корупција и за нерамноправна распределба на приходите од нафтата.
Милитантните групи веќе подолго време доставуваат разни барања до централната Влада, кога станува збор за нафтата и користењето на приходите од природното богатство на земјата. Тие го обвинуваат Триполи дека иако најголемиот дел од наоѓалиштата за нафта, како и главниот терминал за извоз се во источниот дело на Либија, целиот приход оди во западниот дел на земјата.
Милитантите бараат нова територијална поделба на земјата и широка самоуправна автономија за источна Либија и Бенгази, од каде почна бунтот против поранешниот либиски лидер Моамар Гадафи. Владата призна дека неколку месеци преговара со паравоените групи од Истокот што го држат под контрола терминалот во Брега, но досега одбива да употреби сила за разрешување на кризата.
Триполи сега најави дека од почетокот на идната година ќе го прекине финансирањето на разните паравоени групи, создадени по соборувањето на власта на Гадафи. Целта на Владата е да ги обедини сите тие групи и од нив да се создадат новата либиска армија и полициските сили. Вакви најави имаше и порано, но сите тие обиди пропаднаа поради непостоењето на силна централна власт, како и отсуството на контрола врз истокот и југот од Либија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


