Македонската актерка Весна Петрушевска поминува низ тежок период од својот живот. По разводот од својот сопруг, се запали домот на нејзините родители. Првиот, условно кажано, пораз го прифати многу тешко. Отворено зборува за моментот на слабост кога посегнала по својот живот, за животната лекција која ја научила кога некој си поиграл со довербата, но и со чувствата на децата кои веќе еднаш биле оставени… Сега, многу похрабро се соочува со фактот дека нејзините родители останаа без покрив над главата. Домот на семејството Петрушевски на 11 октомври изгоре до темел.
На самиот почеток би ве прашала како се Вашите родители, кои го загубија својот дом? Каде се сега тие?
Петрушевска: Ви благодарам на вниманието. Ние живееме во ист семеен дом. По мојот развод, јас и децата се прибравме во една од куќите којашто моите ја реновираа и ни дадоа покрив над главата. Родена сум во куќата што изгоре. Таму ги поминав сите мои убави моменти до мојата 27 година. Потоа некако животот го сврте тркалото и се вратив во истиот тој двор. Со мајка ми и со татко ми секогаш велиме дека живееме во една куќа. Поради мојот ритам на живот, проби и претстави, моите деца, Мина и Кирил, одеа кај баба и дедо, се враќаа, заедно јадевме… Кога се случи пожарот, јас ноќта спиев. Децата многу сакаа да спијат во таа куќа и вечерта пред пожарот имаа желба, но, ете, ги собрав кога се вратив од претстава. Пожарот се случи во 7 часот и 5 минути. Во 7 часот и 30 минути јас веќе викнав противпожарна екипа. Родителите во таа паника, иако храбро го поднесоа тоа, не се сетиле на телефонскиот број. Откако се јавив, дојдоа пет возила, имавме информации дека горело до 3.000 степени. Семејната куќа ја загубивме до пепел. Не е само материјалната загуба во прашање, во овој момент таа и не е важна. Поважни ни се спомените што ги загубивме. Секое ќоше нам ни значеше нешто. Јас и сестра ми Маја во таа куќа имавме огромна соба од педесетина квадрати, што беше наш мал рај додека бевме тинејџерки. Во таа куќа се одржувани многу култни скопски забави, на кои доаѓале сите култни фраери за кои денес се пишува и убаво си поминувале. Таа куќа беше полна со љубов, со ведрина, со жар, радост, здравје. Таму прооди Јана на Маја, таму прооди Мина, Ема, на Маја помалата ќерка, кога доаѓа од Лондон ужива, Кирил таму истражуваше… Мислам дека сето тоа мене ќе ме стигне за неколку месеци. Сега сѐ уште се држам. Имаме голема поддршка од зет ми Џоле. Но, нема да се смириме додека не им направиме покрив над главата на родителите. Денеска, пред да го правиме разговорот, дојдоа со багери за да го отстранат шутот што остана. Денеска за нас е најтажниот ден. Но, ние велиме кога доаѓаат лоши работи треба само да ги пуштиш да поминат низ вода и никогаш да не се вратат.
Кога се најдовме, разговаравте со Тони Михајловски за да биде дел од настан кој Вие го организирате. За што се работи?
Петрушевска: На 11 ноември, на моја иницијатива, со поддршка од моето семејство, ќе правиме хуманитарен концерт во Универзална сала. Ќе бидат присутни моите пријатели од македонската естрада, кои јас многу ги сакам. Сакам да има два дела со стендап-комедии на Тони Михајловски и на Сашко Коцев. Сакам да дојде и Игор Џамбазов, но тој ден има настап во Битола. Им реков да зборуваат за пожар зашто ако не знаеш да се смееш на сопствената несреќа, тогаш не можеш да се смееш на туѓата среќа. Тој ден е роденден на Мина, сосема случајно се погоди. Во моментот кога договаравме тој датум ми го дадоа како слободен и воопшто не ми текна дека е роденден. Наидов на голема поддршка од Билјана Беличанец-Алексиќ, која е градоначалничка на Кисела Вода, од министерот за труд и социјална политика, министерката за култура, скопскиот градоначалник и нормално на од моите пријатели. Многу е важно во тие моменти да ти се најдат луѓе кои можат да ти завршат работа. Многу е битно да ти се јават луѓето, кои со самиот повик ја манифестираат својата човечност и хуманост. По разводот научив кој може да ти бидат пријатели. По оваа семејна трагедија, пак, знам на каква подлога сум, со кого можам и со кого сакам, а со кого не. Маја, со која периодов разговараме по неколку пати на ден, често ми вели дека сега веќе не сме добри. Сега знаеме со кого како треба да постапуваме. Не е важно кога, важно е да се научи лекцијата. Ние цел живот сме биле семејство кое помагало на другите. Јас никогаш не сум се фалела со тоа, но имам помогнато на Клиниката за детски болести со апарати, фасади, при реновирање… Тоа секогаш сум го правела без помпа затоа што мислам дека кога правиш нешто го правиш тоа затоа што мислиш дека е потребно, а не за да се фалиш. Мајка ми исто така. Ние даваме. Тоа што остана во опожарениот дом го дадовме… Битно е да не го загубиш здравиот разум.
Вашата сестра, новинарката Маја Петрушевска-Зафировска, која работи во Лондон, ја објави приказната за несреќата и воедно побара помош за обновување на куќата. За многу кратко време се собраа повеќе од 2.000 фунти, донираа преку 30 луѓе од разни земји. Потребни се 25.000 фунти. Очекувавте ли толку брза реакција?
Петрушевска: Фотографијата што ја има објавено Маја, јас ја направив на денот на пожарот, околу 9 часот. Мајка ми ми рече: „Те молам Весна, сакам да нѐ фотографираш со татко ти зашто после 50 години брак, останува само љубовта“ и го стисна за рака… Таа слика е илјада зборови. Луѓето донираат. Има и Македонци, повеќето другари на Маја што се некаде во странство. Ние Македонците сме генерално народ што сака да помогне. Илјада пријатели ми понудија станови, куќи за да живееме таму ако немаме каде. Трагедијата е голема, но убаво искуство е. Убаво е да видиш колку луѓето знаат да бидат благородни и големи.
Вашата мајка неодамна доби благодарница за хуманоста. Може ли подетално да ни кажете за приказната за тетка Сашка и нејзината хуманост?
Петрушевска: Па, ја организираше целата акција за Негорци. Во Детското СОС село оди постојано. Таму имавме две дечиња, сега веќе се дипломирани, Даниел и Силвана. Силвана работи во МВР. Тоа ни се омилените деца, дел од тинејџерството поминаа со моите родители и ние ги сметаме за свои деца. Пред една и пол година организиравме стендап-комедија. Ги собра своите пријателки, идејата ѝ беше да ми помогне мене, ете разведена. Но, јас на крај реков дека целиот хонорар го давам за Детското село. Им требаше дивиди-плеери и моите родители додадоа пари за да купиме девет за тие девет куќи. Мајка ми има своја организација „Хумана“. Постојано организираат нешто. Убаво е кога ќе се пензионираш да се посветиш на нешто такво, да имаш еден благороден период.
Како Вашите деца Мина и Кирил го доживеаја ова? Беа ли присутни кога настана пожарот?
Петрушевска: Прво беше шок. Искрено, може звучи самобендисано, но ако јас не знаев да им го пренесам начинот на којшто треба да ги примаат работите, немаше да имаат насмевки на лицето. Тие се храбри деца. Двајцата се на мене, плукнати. Тие се херои.
Сосема случајно пожарот во Вашиот дом се поврза со филмот „Стравот“, каде што зборувате за Вашиот страв и за Вашата слабост кога сте се соочиле со стравот. Сега имавте голема несреќа со која храбро се соочувате. Може ли да ни кажете поконкретно за двата моменти на слабост?
Петрушевска: Отсекогаш сум мислела дека и најсилните, најпозитивните комичари на овој свет имаат свои темни страни. Тие темни страни никогаш нема да ги видите и препознаете. Манифестирате еден дел од животот, дека сѐ ви е добро, прекрасно, можете да се справите со животот сѐ до оној момент кога доживувате големо разочарување. Јас, реално, доживеав големо разочарување од страна на мојот сопруг, кој сега веќе ми е поранешен. Тој, ете така, ја направи својата прељуба, го изневери нештото што значи доверба. Јас имам разбирање за љубов. Знам дека некогаш љубовта можеби и ќе престане и не треба по секоја цена да се одржува нешто што е неодржливо. Мене ми беше прилично тешко затоа што важам за човек што нема табуа, за отворен човек. Јас се почувствував виновна затоа што никогаш ништо не ми кажа, сѐ сама открив, една порака…. Тоа е моментот што те поразува. Се вртиш и сам се преиспитуваш – чекај каде згрешив сега. Треба да посветиш огромен период од животот за да се самоиспиташ и да си речеш: ОК, јас се наоѓам на една раскрсница, јас не сум виновна за ништо, мојот карактер, таков каков што е, не може да биде оправдување за нечиј неморал. И едно нешто во тие слаби моменти не можев да поднесам, а тоа беше дека еднаш оставени деца некој се осмелува најдрско да ги остави повторно. Сите оние тривијални муабети дека ќе ги гледа… татко не е пет часа неделно, татко е 24 часа. И тие пет часа поминуваат со извесни трганици. Но, во тие слаби моменти се сеќавам само дека ми се спушти ролетната, буквално ми се спушти темна завеса пред мене, отидов до фиоката каде што го имав тоа што имав и… едвај ме вратија.
Мина и Кирил знаат дека се посвоени и мислам дека секој родител треба да го каже тоа ако децата му се посвоени. Тие се слатки, паметни, добровоспитани деца. Мина е каприциозна, но да ја родев, па немаше да личи толку на мене
И после тоа гледаш како некој што десет години бил близок со тебе сака тоа нешто да го искористи во своја полза и да го направи тривијално, да те стави на тацна и да те продаде за бадијала. И кога ќе ти се случи тоа повторно, го губиш тлото под нозе и си велиш: добро јас навистина не сум вредна за ништо, виновна за некои мои постапки, а притоа никој не ми укажал дека јас нешто правам погрешно. Психолошките малтретирања се многу пострашни од физичките малтретирања. Тоа е тој семеен мобинг против кој се борам и им укажувам на сите луѓе околу мене дека нема зошто да го трпат тоа… Некој се забавува на страна, а ти да го одржуваш тој некој семеен живот во некаква форма, во лажен морал, во целофан кој кога-тогаш ќе се скине, ќе се потпали… Додека ти се трудиш да задржиш нешто, некој да го планира својот иден живот и да си отиде една ноќ и никогаш веќе да не се сврти… тоа е нешто што е најстрашно. Немам проблем да го признаам тоа, во еден момент одев и до тоа – слушај јас сум виновна за тоа и тоа, но седни на маса и разговарај.
Кога се случи „Стравот“, кога ме повика Коста Петров, ми рече: „Ти си, можеби, единствената којашто ја разбира целта на јавната личност“. Мојата општествена одговорност е јасна – да им укажам на луѓето околу мене и на тие што ги сакам дека не треба да го прават тоа. И да покажам со сопственото искуство каде сум згрешила. И на крајот од денот никој не е вреден за ти да посегнеш по најскапоценото – животот. Затоа јас се борам толку грчевито за тоа. И една многу важна работа – веќе никој не може да ме држи во дланка затоа што сум доволно зрела, паметна, стојам на сопствени нозе и велам – јас можам да продолжам понатаму. Јас имам своја визија, можам да правам што сакам. И денес кога ќе ги погледнам Мина и Кирил, си велам – боже, за кого, зошто?! Ама кога долго време трпиш во себе, едно врз друго…
И на крај сето тоа го свртевте на шега, направивте тематска стендап-комедија.
Петрушевска: Да и ден-денеска се забавувам на таа тема. Тој стенд-ап се проширува постојано, на своја сметка го направив тоа и уживав во тоа. Тоа многу ми помогна. Беше еден таков егзорцизам што мислам дека ми беше своевидна сопствена терапија.
Кој е вашиот најголем страв во моментов?
Петрушевска: Веќе сум бестрашна. Немам страв од ништо… Кога се случи пожарот, буквално влегов во оган.
Вашиот директор Дејан Лилиќ вели дека Вие сте вистински професионалец. И покрај несреќата не сакавте да се промени репертоарот, да земете слободни денови. Ги одигравте претставите кои беа на репертоар.
Петрушевска: Да, играв. И не само што играв. Во Виница по три дена од пожарот имав настап на отворање на Денови на комедијата. Отидов со нов материјал за стендап-комедија.
Се зборуваше дека „Госпоѓа Министерка“ ќе биде тргната од репертоар, но тоа не се случи. Имавте и нова претстава, „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“, оваа сезона има промена – наместо Игор Стојчевски го имаме Сашко Коцев. Како дојде до промената?
Петрушевска: Министерка сме ја одиграле повеќе од 130 пати и таа останува на репертоарот. А, за Вирџинија… Тоа е суперискуство (се смее). Игор дојде на претпоследната претстава пред една недела и кажа дека на 26 октомври не може да игра. Не го кажа проблемот, наводно е здравствен и се надевам дека ништо нема да му се случи. А, Јелена Јованова веќе имаше купено авионски билети за да дојде од Хрватска за претставата. Тука беа Синиша Ефтимов, Сенко Велинов, Игор и испициентката. Реков дека мора да се направи промена. Првично беше замислено Сашко Коцев да го игра ликот на Ник. Но, тогаш тој имаше некои други проекти. По премиерата дојде и рече: „Леле, ова јас сакам да го играм“. Се сетив на тоа и им реков да го викнат Сашко Коцев. Му свртевме на телефон и само рече: „На проба сте?“ Дојде веднаш, Игор му го даде текстот, имавме пет дена проби јас, Сенко и Сашко, Јелена дојде еден ден пред тоа, имавме само една проба. Со оваа улога Сашко многу ќе созрее. Му испратив порака „Ти си лидер на твојата генерација, им одржа час по глума и професионализам на своите колеги“. Сашко е за респект. Сенко Велинов му рече: „Баце, секоја чест, јас ова никогаш. Тоа е голем стрес, текстот е тежок“. Бевме пресреќни по претставата. Нѐ врати во живот.
Се зборува дека ќе ја враќате претставата „Вагинални монолози“ со Ирена Ристиќ, Тања Кочовска и Јелена Жугиќ.
Петрушевска: Таа претстава ја режираше Димитар Станковски и ние ќе му ја посветиме нему затоа што многу нѐ сакаше сите четири. Но, овојпат ќе играме без Жугиќ, која не можеше да доаѓа на пробите поради свои професионални обврски. Ќе ја режира Нела Витошевиќ. На 22 декември ќе има фестивал на кој треба да играме. Ние имаме план пред тоа, околу 10 декември, да имаме премиера. Сега сме повозрасни, но темата е прекрасна. Универзална е. Едвај чекаме да играме. Продолжуваме трите, ние, сепак, сме во еготрип, не може да дојде некоја четврта што не ја знаеме.
Наскоро се очекува отворањето на новиот театар. Вие ќе бидете дел од првата претстава „Вечната куќа“, работена по текст на Јордан Плевнеш, режија на Дејан Пројковски. Каква е вашата улога и кога може да очекуваме да ја видиме премиерата?
Петрушевска: Не знам кога ќе биде премиерата. Инаку, мојата улога е контратежа од сите. Се работи за Деспина, жена на адвокат, на Тони Михајловски. По десет години повторно играме партнери. Ги кажувам сите реплики кои Македонците ги кажуваат секој втор ден. Плевнеш ми рече дека овој лик буквално бил пишуван за мене затоа што јас сум таа – една Македонка која е нафурана, сѐ ја нервира… На адвокатот му вика „до овде ми е од бракот, кој си ти, дај сакам да си одам од дома, не можам да те гледам“. Не е голема улога, но ми е слатка.
Би се навратила на еден момент од пред некоја недела кога застанавте во одбрана на Џамбазов откако еден таканаречен новинар се дрзна да напише колумна во која му посакува да го снема, да го напушти светот… Застанавте во одбрана на Игор иако вашите меѓусебни односи и не се баш најдобри.
Петрушевска: Мојата ќерка Мина е многу блиска со Игор. Знаат да се слушнат, да зборуваат. Јас и Игор имаме прилично коректен однос. Нашата љубов не може да згасне никогаш. Имаме недоразбирања, но ние се разбираме. Точно знам што ќе направи на концертот без никој да ми каже. Сега ќе му одам и на концертот. А за Политико – тоа што го напишал е ниво на примитивизам, на негирање на сѐ што е добро и талентирано во оваа држава. Оној што за сѐ што е талентирано во државата пишува дека не чини, не е добар човек. Не можеш ти да уринираш на сите што ќе се појават на политичката сцена, театарската сцена или шоу-бизнисот и притоа да ги негираш. Извини, имам 70 улоги, илјадници фанови, општествено сум одговорна. Игор е еден егземплар кој е единствен. Потекнува од исклучително талентирано семејство. Јас имав среќа да играм со Анче Џамбазова и да бидам во иста шминкерница. Ако сум видела некоја мајка колку го сака својот син, тогаш сум ја видела Анче. Кога беше болна, одев да ја видам, Игор имаше милион проблем. Јас со Игор сум врзана многу повеќе од што мислат некои. И нема да дозволам вакво нешто. Ме има напишано во книга… Тоа е негово право, така чувствува. Нема да му се налутам. Можеби на крајот од денот јас сум го повредила, а не сум била свесна за тоа. И сега со моето однесување му докажав дека сум му лојална до крај и така ќе биде. Игор ми режирал Мерелин Монро… бил единствениот што верувал во мене во тој момент. Сме играле претстави заедно. Сѐ што напишав, напишав од мое искуство. Тоа што го напиша Политико посегнува и по мене. Не можеш да посегнеш по мој човек.
Таканаречениот новинар Ви врати дека Вие сте виновни за постоењето на шоуто на Миленко и ниту еднаш не сте излегле да кажете нешто против неговиот говор на омраза.
Петрушевска: Може да ми враќа за Миленко колку што сака. Јас бев директор на програма во „Канал 5“ и јас го вратив Миленко заради Формула 1. После тоа се вратив во театар. Немам никаква одговорност за политичките емисии на Миленко. Ако тоа е проблем, тоа е проблем на политиката на „Канал 5“. Тоа е нивна работа. Политико пука со погрешни куршуми. Нема за што да ми се фати и да сака да ми се фати. Јас сум чиста, реализирана. Ако поддржувам некого, тоа значи дека го сакам и затоа го поддржувам. А, ако на Саше Политико ова му е принцип да собира читаност, тогаш ќе му испратам фактура.
Имаше најава за враќање на „Вртелешка“?
Петрушевска: Во преговори сум со „Томато продукција“. Сакаме да ја правиме во новиот театар како ток-шоу, со публика. Убаво е да се искористи, има амбиент. А, ако се враќам на телевизија, се враќам со причина затоа што нема ништо на етерот.
За Вас велат дека сте пожртвуван самохран-родител. Обврските се такви какви што се – немате работно време, проби, претстави…Како се снаоѓате?
Петрушевска: Мене често можеш да ме видиш со децата секаде. Но, јас сум строг родител во училиште. Мислам дека Мина е малку поразгалена од Кирил. Знаат дека се посвоени и мислам дека секој родител треба да го каже тоа ако децата му се посвоени. Мислам дека се слатки, паметни, добровоспитани деца. Мина е каприциозна, но да ја родев, па немаше да личи толку на мене. Кирил е на страна.
Разговараше: Билјана Зафирова
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со актерката Весна Петрушевска е објавено во 61. број на неделникот Република)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.