Утрово во Скопје почина Снежана Османли, една од најзначајните политички фигури на Македонија. Беше долгогодишен шеф на кабинетот на претседателот Киро Глигоров.
Османли е и еден од основачите на успешната осигурителна компанија „Еуролинк“.
Таа долги години беше и личен советник и најблизок пријател на Трифун Костовски. Османли почина на 59-годишна возраст по долгата и храбра борба со тешка болест.
Снежана Османли е родена е на 6 март 1954 година во Битола во семејството на Александар Станковиќ, еден од првите македонски поевоени новинари и поети.
Основното училиште го почнува на шестгодишна возраст во Битола, а го завршува во Скопје. Гимназијата „Георги Димитров“ во Скопје ја завршува со врвен успех една година пред својата генерација, вонредно полагајќи ја четвртата година.
На истиот начин ги скратила и студиите, со завиден успех дипломирајќи на Економскиот факултет во Скопје за само три години, со што станува најмладиот дипломец во вкупната историја на Факултетот, кое ѝ обезбедува и вработување на дваесетгодишна возраст.
Оттогаш сѐ до крајот на животот Снежана Османли цели 39 години развива богата и успешна кариера на два професионални плана: политичкиот и деловниот.
Во турбулентните времиња пред осамостојувањето, почнувајќи од 1991 година, именувана е за советник на Претседателот на Република Македонија, г. Киро Глигоров, одговорна за јавните комуникации на претседателот, позиција на која останува сѐ до 1997 година.
Во текот на таа посветена работа, Снежана Османли станува активен чинител особено во доменот на меѓународната активност и контакти на претседателот на Републиката.
Таа беше, често единствен, директен сведок и учесник на голем број историски релевантни, како домашни така и меѓународни работни, затворени и официјални средби на шефот на државата со бројни чинители, како на европската, така и на глобалната меѓународна политика, во процесот на макотрпното затемелување на македонската државна независност и особено на меѓународниот меѓународен субјективитет. Во неколку наврати беше специјален пратеник на Претседателот на Републиката во работни и протоколарни надворешно-политички мисии.
Во 2002 година, Снежана Османли ја прифати понудата на инвеститорот г. Трифун Костовски и е именувана за основач, потоа и за прв извршен директор на осигурителната куќа „Еуролинк“.
Во 2004 година, поради сериозен здравствен проблем, се повлекува од извршната фунција во осигурителната куќа и работи како менаџер во финансиската групација „Gofi GmbH“. Од тогаш до денес беше активен економски и политички советник на сопственикот на „Gofi“, г. Трифун Костовски.
Беше стожерна личност на изборните штабови на Костовски, како во парламентарните избори 1997, така и за градоначалник на Скопје 2005 година, во кои со голем успех беше избиран на кандидираните функции.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.