| четврток, 6 декември 2018 |

Магазинот „Глобус“ во 2008 година на гости кај Шеќеринска и Бобо во Маврово

ВМРО-ДПМНЕ  ја прозва Радмила Шекеринска дека во својот анкетен лист не го навела целиот имот кој што објективно го поседува и располага заедно со нејзиниот сопруг, алудирајќи на вкупна станбена површина и двор од 347 м2 во луксузниот дел на туристичката населба Маврово до самиот ски-центар со поглед на езерото, чија вкупна вредност на овој имот (плацот и куќата), според ВМРО-ДПМНЕ е околу 154700 евра.

-Оваа викендица, за која самата вели дека ја користи за уживење, ја стекнала пред неколку години, а сепак до ден денес ја нема пријавено. Радмила Шекеринска за оваа викендица во Маврово вели: „Уживаме во неа бидејќи ја гледавме како расте и во секој детаљ внесовме емоции. Овде сме како дома и немаме чувство дека сме некаде појдени“, изјавија вчера од ВМРО-ДПМНЕ. Шекеринска вера потврди дека тоа е семејна куќа, која и припаѓа на нејзината свекрвa.

За оваа викенд куќа магазинот „Глобус“ пишува: „Првата заедничка Нова година ја прославиле во изнајмена видендичка, а веќе пет години си имаат сопствена куќа која е целосно направена од дрво, па дури и секој нејзин детаљ што се наоѓа внатре.”

Еве што кажа Шеќеринска во интервју за магазинот „Глобус“ од 30.12. 2008 година:

ПЛАНИНСКА ИДИЛА: ШЕКЕРИНСКА И БОБО ВО МАВРОВО

На гости кај брачниот пар Радмила Шеќеринска и Божидар Јанковски

Радмила Шекеринска и Божидар Јанковски избегнуваат да зборуваат за својот приватен живот, но ексклузивно за „Глобус“ ги отворија вратите во нивниот втор дом во Маврово.Растоварени од притисоците на политиката и бизнисот кои се нивно работно секојдневие во Скопје, зборуваа за нивниот живот во планината во кој потполно уживаат.Во нивната планинска дрвена викендичка го пронаоѓаат својот мир, се посветуваат еден на друг и го надоместуваат пропуштеното во текот на работната недела. Лежерниот муабет течеше покрај шумот на каминот и новогодишната елка, а на атмосферата која наликуваше на зимска идила посебна магија даваше звукот на огнот и кукавицата од часовникот.

sneg

ВРЕМЕ ЗА СЕБЕ Маврово е нивен синоним за дочек на Нова година и Божиќ, па така ќе биде и годинава. Првата заедничка Нова година ја прославиле во изнајмена видендичка, а веќе пет години си имаат сопствена куќа која е целосно направена од дрво, па дури и секој нејзин детаљ што се наоѓа внатре. Дрвена куќа во планина е сон на Бобо од детство. Нејзината проекција произлегла од неговата имагинација, а во ентериерското уредување своја улога имала и Радмила.

„ Уживаме во неа бидејќи ја гледавме како расте и во секој детаљ внесовме емоции. Овде сме како дома и немаме чувство дека сме некаде појдени. Во Скопје има многу луѓе околу нас, повеќе се трошиме на другите отколку на себе и затоа во Маврово уживаме сами. Пријателите и роднините доаѓаат за празниците, иако малкумина од нив вистински уживаат на начин како што ние тоа го правиме.Тие сакаат нешто да се случува, а нам ни е убаво гледајќи филмови, читајќи, разговарајќи. Речиси секој викенд сме овде и го надоместуваме она што му недостасува на модерниот живот, а тоа малку време за себе. Времето го поминуваме без некој посебен план туку како ќе не поведе расположението.“вели Шекеринска која на овој начин всушност ги избегнува претпразничната хистерија за купување, автомобилските гужви низ градот и редовите во продавнците. Ја нема нервозата „каде за Нова година„. Никој не се оптоварува со гардероба или фризура и единственото нешто што треба да го понесеш од дома е доброто расположение и доволно енергија за играње и пеење да се издржи ноќта.

Бадник и Божиќ ги прославуваат на вообичаен начин, Радмила прави лепче со паричка, а Бобо ги подготвува специјалитетите. Тогаш викендицата е полна со гости бидејќи Божидар го слави именденот.

„Економската теорија тврди дека тајната на успехот на капитализмот лежи во специјализацијата – секој треба да го работи она во што компаративно е подобар. Го применуваме тоа правило и дома – секој е специјализиран за нешто, а во нашиот случај Бобо е по готвењето.Не можам да се пофалам со вештините во кујна. Морам да ги издвојам неговите одлично подготвени специјалитети бифтек, полнети пиперки, мусака, турли тава, боранија. Во последно време ги усовршува рецептите на Џејми Оливер. “ вели Радмила на која што пак Бобо се надополнува:

„ Се зависи од моменталниот избор на храна или инспирацијата за експерименти. Не сакам да готвам сам, па Радмила има задача да асистира и да муабети. Кога сепак сум сам – тогаш обично мислам на многу работи. Во Скопје немам време, а овде готвам.“
kukja
Планината нуди убавина во домот и надвор од него. Во топлата атмосфера покрај каминот слушаат добра музика, читаат книги или гледаат филмови. Пијат природен планински чај, замезуваат мавровско сирење и кашкавал и консумираат храна подготвена на дрва. Сармата им е идеален ручек за после скијање, а се загреваат со греана ракија и варено вино. Бидејќи и двајцата се пасионирани скијачи, често се на скијачките патеки на мавровските падини. Откако ја направиле куќата, не отишле во ниту еден друг зимски туристички центар.

ЗДРАВЈЕ И КСМЕТ Бобо ужива во празничната атмосферата низ град, бидејќи ја чувствува таа нота на свеченост и расположение на луѓето низ улиците и по кафулињата. Му недостасува оној амбиент кој го има по европските метрополи, а тоа е и покрај ниските температури седењето надвор и уживањето во храната и пиењето.

„Чувството на празнично расположение е поврзано со завршувањето на една и почетокот на друга година. Во природата на човекот е да очекува работите во следната година да се подобрат односно убавите да бидат уште поубави, а лошите да не се повторат. Нова година е убав повод да се надеваш. “ додава тој.

idila

Подарувањето за празниците е дел од вообичаената практика на Шекеринска, за разлика од Бобо кој повеќе сака подароци без повод. Не сака да глуми дека некого изненадил и да му глумат изненадени.

Годината што изминува Радмила ќе ја памети по тоа што станала тетка, Бобо по одлично одиграните партии тенис (ова го кажува за да ги нервира противниците), а двајцата – по убавото патување во Њујорк. Зад него е, како што вели, вообичаено досадна македонска година.

„Имав тешка, но интересна професионална година. Како држава станавме нерационални и се зголеми конфликноста, незадоволството, агресивноста и нервозата меѓу нас. Постанавме оптоварени со лоши работи. Тоа е најголем проблем а се друго е последица. Таа стимулирана агресивност и нервоза е опасна за сите нас. Доколку би можела тоа би го сменила, а приватно не би менувала ништо„ вели Шекеринска. На прашањето дали смета дека животот ни е предодреден или зависи од нашите залагања и акции вели: „Верувам во некоја космичка правда која не функционира на сто метри туку маратонски. Тоа што го правиш, дали добро или лошо, некогаш ќе се врати; но, сами ги носиме одлуките, сами ги влечеме конците, сами го одработуваме нашето“.

За во следната 2009 година си посакаа здравје, среќа и годината да не помине без ксмет. Во Маврово и понатаму ќе остане да се одвива нивниот вистински живот, а работата во Скопје им е средство за да си го овозможат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top