| четврток, 6 декември 2018 |

Устоличен Владиката Јосиф во Тетовско- гостиварската епархија

– Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан во сослужение со останатите митрополити и епископи од Синодот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија денеска одржаа света архиерејска литургија со која го интронизираа досегашниот епископ велички господин Јосиф за прв митрополит на новоформираната Тетовско- гостиварска епархија.

Чинот на устоличувањето се одржа во соборниот храм „Св. Кирил и Методиј“ во Тетово.

– Доаѓаш во предели каде се длабоки и древни христијанските темели, ќе бидеш меѓу народ што љубоморно ја чува и живее верата православна, меѓу народ кој поради секојдневните притисоци се повеќе се оретчува, но оној кој останува е верен народ и си ја сака црквата македонска и земјата прадедовска. Ќе бидеш архиреј меѓу народ каде со крстот и полумесецот се препознава секој човек и секоја населба. Помагај да се залечат раните, моли се да се утешат онеправданите, почитувај ги разликите на секого и учи ги луѓето да  го прават тоа на други што сакаат другите тоа ним да им го прават му порача г. г. Стефан на новиот владика.

Новиот владика г. Јосиф побара од верниците да го возобноват духовниот живот во овие крашита и ги посетуваат црквите.

– Материјалните градби ги имаме, ги наследуваме и за нив ќе се грижиме со постојана будност, нови ќе создаваме, но најважно од се е возобновата на духовниот живот на овие краишта. Да видат овие ѕидови верен народ кој постојано ќе влегува меѓу нив, да слушнат овие фрески и кони молитви, да тропнат камбаните за служба, да оживеат манастирите и манастирските имоти со црнорисци, истакна владиката Јосиф.

Тетовско-гостиварскиот митрополит г. Јосиф на ова место доаѓа како досегашен епископ велички, а бил и архимандрит на Бигорскиот манастир.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top