Многу музика и пеење, уште повеќе емоции и по некоја солза – вака помина четиричасовниот концерт на Игор Џамбазов. Уште еднаш докажа дека во телото на педесетгодишниот човек се крие едно големо дете, полно со живот, енергија и сила.
Се започна со сцени од филмот „Македонскиот дел од пеколот“, каде Игор на само десетгодишна возраст ја има својата прва филмска улога.
Маестро Александар Џамбазов и славејчињата први го честитаа роденденденот на Игор – 50 години живот, 40 години од „Македонскиот дел од пеколот“, 30 години од првата театарска улога… Маестро Џамбазов не ги криеше возбудата и гордоста… Да се биде родител на веројатно најталентираниот Македонец, човекот кој успева како феникс секогаш да се издигне и да покаже дека секогаш има излез и секогаш има за што да се живее.
Дишеше длабоко со младите средношколци ЈБТ Бенд. Помина време, време за плачење, спомени за Дуле, испејани стихови низ солзи. Виолина и гитара во чест на човекот кој прерано замина.
Посебни емоции особено кај оној круг на пријатели на Игор предизвика вклучувањето на Раде Шербеџија… Не дај се Игор, држи се генерацијо… Ако Игор заплака за Дуле, пријателите заплакаа за Игор – солзи радосници затоа што тој е човекот што не се даде и нема да се даде!
Никој не веруваше во мене – рече Игор. Но не е во право. Во него веруваа сите оние 10 000 во салата Борис Трајковски, во него веруваа сите оние кои застанаа на сцената. Во него веруваше неговата добра пријателка Тамара која со многу емоции ја испеја „Готово“, стихови напишани од неповторливиот Џамбазов.
Ако умрам ил загинам, Каква е оваа ситуација, Скопје-Сарај-Матка, Хотел Македонија…Влатко Илиевски, Калиопи, Нокаут, Елена Ристевска, Сашко Коцев …
Посебен дух и енергија на четиричасовниот концерт му даде Тони Михајловски, брат по многу нешта на Игор. Љубов, пријателство, доверба… веројатно ни самите немаат зборови со кои соодветно би ја означиле таа релација меѓу нив. И покрај многуте перипетија низ животот братството останува да постои…
Го започна концертот со брада, го заврши без брада. Оние кои ја читале Голиот човек знаат зошто. Оние кои не ја прочитале… еве им нова можност. Книжарница Три ја реиздаде првата автобиографска книга на Џамбазов.

Игор не би бил Игор ако не е тука и Игор – оној другиот, неговиот Гуру – Гуру Харе. Џамбазов му се заблагодари на Тоше што ете се отвори простор и тој да запее со бендот кој го пратеше него…
-Пријателе, еден ден и јас ќе дојдам горе, но мене нема да ме пуштат таму каде што си ти. Таму не може да влезе секој… Освен ако ти ми фатиш врски… – прозборе Игор и со Тамара заедно ја запејаа Игри без граници…
Четири часа емоции, љубов, музика, воздишки. НЕ ДАЈ СЕ ИГОР!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


