Перо Антиќ ги забележа првите поени во вториот настап за Атланта хоукс, а имаше сосема солидно деби пред домашната публика во „Филипс арената“. Популарните „јастреби“ го победија Торонто репторс со 102-95, а првиот македонски кошаркар во НБА лигата Антиќ постигна 5 поени.
Перо одигра единаесет и пол минути, ги погоди првите два удари, еден за два поени и една тројка, а потоа од иста дистанца на двапати промаши, со што го заврши мечот со 5 поени и удар од поле 2/4. Тој оствари и по еден скок и асистенција, што е добар учинок за дебитант во НБА.
Хоукс до првата победа во сезоната ги предводеше одличниот крилен центар Ал Хорфорд со 22 поени и 16 скока. Под кошевите го менуваше токму Антиќ, а овојпат тие одиграа многу подобро од првиот меч во Далас што го загубија со 118-109. Џеф Тиг и Кајл Корвер остварија по 17 поени, Тиг имаше и 12 асистенции, а со 15 поени забележителен учинок имаше и Пол Милсап.
Кај Репторс импресивен настап имаше Демар де Розан со 31 поен, но гостите немаа рецепт за победа во „Филипс“ арената.Следниот меч за Атланта е мошне интересен, особено за Антиќ, бидејќи Хоукс ќе му гостуваат на Лос Анџелес лејкерс, еден од најдобрите тимови во историјата на НБА. Тој меч се игра задутре.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.