Со симболично предавање на клучот од Саат-кулата на градоначалникот на Гостивар од страна на министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, денеска беше промовирана комплетната конзервација и реставрација на овој значаен споменик на културата од 18 век и симбол на градот.
По обиколката на објектот, министерката за култура информираше дека Саат-кулата го доби својот автентичен архитектонски изглед, доби осветлување и ентериерно уредување со што претставува привлечно место за сите посетители на Гостивар.
– Задоволна сум од сработеното и сето она што го видов и во делот на ентериерното и во делот на надворешното уредување. Вредеше да се искачат и стрмните скали до врвот на кулата. Се надевам дека од таа глетка ќе бидат задоволни и туристите, кои отсега ќе имаат можност и овнатре да го видат овој културно-историски споменик – рече Канческа-Милевска.
Таа потсети дека проектот е дел од програмата на Владата и Министерството за култура за заштита на културно-историските споменици во Република Македонија.
За време на посетата министерката за култура се запозна со работите кои се изведуваат и на старата медреса, каде што во рамките на првата фаза целосно е променет покривот на овој значаен споменик на културата, а завршено е и ентериерното уредување на споменикот на културата – куќата на Даут Болетини.
Канческа-Милевска најави и нови проекти, меѓу кои и реставрација на фрескоживописот на соборниот храм „Пресвета Богородица“, која ќе почне идната година.
Претходно министерката за култура оствари средба со градоначалникот на Гостивар, Невзат Бејта, на која беше истакнато задоволството од досегашната успешна соработка во областа на културата меѓу извршната и локалната власт.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.