| четврток, 6 декември 2018 |

Римска империја – супердесетка за „волчицата“

Рим е легендарно место со богата историјата, а Римската Империја повторно е на сцена, овојпат благодарение на фудбалот. Италијанскиот калчолигаш Рома направи подвиг за почит и паметење и со 10 победи има најдобар старт во историјата на Серија А. Во лига што е исклучително ценета и силна, таков ефект досега немала ниту една екипа, па со право Рим го празнува успехот на популарната „волчица“.

Последнопласираната екипа во Калчото, Киево, беше последната пречка за избраниците на Руди Гарсија до рекордот, а десет од десет во победи е најдобар почеток на сезона на состав од Италија.

Марко Бориело со гол во 67. минута го скрши отпорот на жилавите гости и донесе радост на „Олимпико“. Со победничката низа рака под рака одат и уште неколку исклучително добри остварувања. Досега во 10 кола, голманот Морган де Санктис прими само еден гол, и тоа од Џонатан Биабјани, напаѓачот на Парма во меч од третата рунда. Пред тоа и потоа мрежата на Рома мируваше, а билансот е фантастични 10 победи и извонредна гол-разлика од 24-1. Нападот е ефикасен, средниот ред разигран, а одбраната е вистински бедем. Римјаните немаат примено гол на домашен терен и тоа исто така е рекорд во Италија по почетните 10 кола.

Roma vs Chievo Verona

Патем, Рома е најефикасниот состав во Серија А, заедно со Интер, а двете екипи постигнаа по 24 погодоци. Вчера против Киево недостасуваа римската фудбалска икона Франческо Тоти и преродениот офанзивец Жервињо, кој ја игра првата сезона за Рома. И без нив „волчицата“ ја реши енигмата наречена Киево, иако не беше лесно.

– Киево покажа дека не го заслужува последното место на табелата. Нѐ намачија, но јас имам магичен ростер. И без Тоти и Жервињо, кои се мошне значајни за нашата игра, успеавме да победиме. Имам екстраинтелегентни играчи што знаат како да одиграат во секој момент од мечот. Флоренци асистираше во вистински момент до Љајиќ и му овозможи чиста позиција за центаршут, а Бориело уште еднаш докажа дека головите му се во крвта, дека е роден стрелец. Сите одиграа храбро, машки и со право се радуваме на десеттата победа. Сепак, немаме време за преголемо славје бидејќи нѐ чека гостување и меч против Торино – изјави Руди Гарсија, тренерот на Рома.

И тој се препороди во Рим откако францускиот Лил не му понуди нов договор, односно се откажа од неговите услуги.

Roma vs Chievo Verona

Интересно е што Рома навидум има лесен распоред и во следните 4 кола и има убава шанса да остане непоразена. На ред е натпреварот со Торино, потоа следат два меча на домашен терен со Сасуоло и Калјари, а на 1 декември Рома ќе патува за Бергамо на мегдан на Атланта. Дури потоа следат вистинските искушенија бидејќи во наредните 4 рунди во Серија А, Рома ќе игра против конкурентите за титулата. Фиорентина, Милан и Јувентус ќе го тестираат капацитетот на лидерот во италијанскиот шампионат, а ако Рома успешно ги мине и тие искушенија, ќе истакне сериозна кандидатура за титулата, четврта во историјата на клубот. Последната датира од сезоната 2000/01.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top