| четврток, 6 декември 2018 |

Никол Кидман за бракот со Том Круз

том и никол„Венити фер“ како насловната приказна ја објави Никол Кидман која зборува за бракот со Том Круз, славата и за семејството. Таа признава дека и покрај романтиката што го одбележа нејзиниот прв брак, Кит Урбан е љубовта на нејзиниот живот.

-Бев толку млада. Без желба да ја намалам важноста на она што го имав со Том, но јас дури подоцна ја запознав мојата голема љубов. Сакав да ми се случи таква љубов, но не знаев дали ќе ми се исполни таа желба. По Том, извесно време сакав да бидам сама, да не скокам од врска во врска, и тоа беше многу добро бидејќи навистина бев дете и беше неопходно да си дадам простор на себе за да пораснам- вели актерката.

Во интервјуто со Сем Кешнер, еден од уредниците на „Венити фер“, Никол призна дека ѝ било тешко поради разводот со Том Круз. Како што вели таа, во тоа време го снимала филмот „Часови“ и го глумела ликот на Вирџинија Вулф, што ѝ помогнало да се избори со кризата во приватниот живот низ која поминувала.

-Неколку пати ја снимавме сцената со самоубиството, во која влегувам во реката со џебови полни со камења. Тоа влегување во реката ме наведе да сфатам дека сакам да живеам. Иако тогаш бев во тежок период, оваа улога ме научи да почнам да го ценам животот- се сеќава Никол.

Никол сега е ѕвезда со големи улоги и со многубројни филмски хитови зад себе, но во времето кога беше во брак со Том Круз, кој тогаш беше премногу популарен, беа најбараната двојка на планетата и секаде беа следени.

-Има нешто во тој вид постоење, бидејќи ако навистина се фокусирате еден на друг, ќе почнете да чувствувате дека сте изолирани и сами на светот, свртени само еден кон друг и тоа е многу заводливо. Знаете дека на светот постои само уште едно лице што ве разбира и што поминува низ истото. Верувам дека нешто слично имаат Бред и Анџелина, бидејќи никој на светот не може да го разбере сето тоа, освен лицето што спие покрај вас- вели Никол Кидман.

Никол со својот сопруг и со двете деца живее во Нешвил, далеку од блескавите светла на Холивуд.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top