| четврток, 6 декември 2018 |

Панчев: Не сум ветил дека ќе се појавам на натпреварот кој според мене беше потценувачки

Darko-Pancev-615x400

Некогаш најдобриот македонски фудбалер, Дарко Панчев, негира дека му ветил на првиот селекторот Андон Дончевски дека ќе дојде на прославата по повод 20 години од првиот настап на македонската фудбалска репрезентација.

-Би бил неискрен кога би кажал дека изјавите на Дончевски не ме изненадија и ме оставија рамнодушен. Уште повеќе ако се знае дека на два дена пред натпреварот тој беше кај мене на кафе и ние разговаравме за натпреварот. Ќе ми беше поприфатливо ако тогаш, мене лично ми го соопштеше неговото толку лошо мислење за мене. Сеедно, јас му го кажав мојот став дека начинот на кој што се организира натпреварот е најблаго речено потценувачки. За мене натпреварот во Словенија е дел од нашата историја, не само фудбалска. Затоа организаторот требаше да се потруди да ја покани словенечката селекција од 1993 година, да обезбеди промотивна и позитивна кампања и натпреварот во погоден термин и ден да биде одигран, како што доликува, на преубавиот градски стадион. По дебаклот на последните квалификации, на тој начин и со таква прослава ќе се помогнеше да се вратат убавите спомени и достоинството и навивачите повторно да се соберат во поголем број на трибините на ГРАДСКИ. Ова мое мислење му го соопштив на Дончевски и воопшто не му дадов ветување дека ќе дојдам на лошо замислениот ревијален натпревар. На овој наш разговор присуствуваше мојот брат и неколку наши заеднички пријатели. Од тогаш не сме се виделе и се надевам дека така и ќе остане. На Андон Дончевски, мојот тренер од времето кога настапував за ФК Вардар и бев првиот капитен на првата македонска фудбалска репрезентација сепак му посакувам добро здравје и долг живот, вели Панчев во интервју за Екипа.

Панчев смета дека не смееме да го пуштиме Горан Пандев, кој и е потребен на репрезентацијата.

-Ми се чини дека премногу се проблематизираше изјавата на Пандев за негово повлекување од  репрезентацијата. Тој и е потребен на репрезентацијата и лично сметам дека треба да остане во неа барем уште еден или два квалификациски циклуси и да и докаже на публиката дека долгиот голгетерски пост на официјалните натпревари е резултат на несреќни околности и случајност. Со него, Новески, Ибраими, Пачовски, Тричковски, Попов, Георгиевски, Тасевски…, и играчите кои што доаѓаат Бабунски, Трајковски, Костовски и други според моето мислење би имале добар состав за следните квалификации, вели Панчев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top