| четврток, 6 декември 2018 |

Ховит: Македонија е подготвена за преговори

Hovit-i-Orav

Македонија е подготвена за почеток на пристапните преговори со Европската унија (ЕУ), но за ова постои загриженост кај повеќе земји-членки на Унијата, вели известувачот за земјава во Европскиот парламент (ЕП), Ричард Ховит.

Според Британецот, загриженоста не е присутна само кај добро познатите две соседни земји, туку проблемот е што овој сомнеж постои и кај уште неколку членки, без притоа да ги именува.

– Постои голема опасност дека во земјава се перцепира само тоа дека се работи за две соседни земји или за проблемот со името, но има повеќе од тоа, не само во поглед на повеќето земји-членки, туку и за повеќе проблеми. Јас сум известувач што сака земјата да стане дел од ЕУ, и сакам да соработувам со владата и сите партии, но не да навлегувам во домашните проблеми, туку да охбрабрам дијалог и решение на тие проблеми. Нема да именувам одредени земји од ЕУ, туку сакам да повикам на заеднички напори преку дипломатијата да се обезбеди позитивна одлука – порача известувачот.

hovit-2

Во однос на проблемите на кои останатите земји-членки ги потенцирале, Ховит вели дека се работи пред сè за исполнување на Копенхашките политички критериуми, напоменувајќи дека овие мислења сепак се спротивни од неговото.

„Моето разбирање е дека загриженоста на некои земји-членки е дека Копенхашките политичките критериуми не се доволно исполнети за да започнат преговорите, но моето верување е спротивно од ова, дека тие политички критериуми се исполнети, секако дека имам и критики за одредени општествени проблеми, но дали овие критериуми се доволно исполнети, да, сметам дека се исполнети”, изјави Ховит.

Британскиот европратеник потенцираше дека за време на средбите кои тој ги оствари со државниот и политички врв во земјава, фокусот не бил ставен на проблемот со името, туку на појавата на демократските проблеми, кои според него се екстремно важни за добивањето на позитивна одлука, а дека со отворањето на преговорите, ќе се овозможи поголем дијалог и преговори за решавањето на овие проблеми.

Британецот упати и неколку препораки кои тој ги гледа како есенцијални за подобрувањето на позицијата на земјата, најпрво преку имплементацијата на препораките на парламентарната Анкетна комисија, со политичкиот консензус на партиите, за да не се повторат минатогодишните настани поврзани со буџетот.

Ховит исто така ја поздрави и минатонеделната средба меѓу премиерот Груевски и неговиот бугарски колега Орешарски, охрабрувајќи ги напорите кои двете земји ги прават за постигнување на договор со кој ќе се решат отворените прашања меѓу двете земји.

Hovit-i-Orav-3

Третата препорака на Ховит се однесуваше на подобрувањето на состојбата со слободата на говорот, со тоа што тој смета дека доколку се применат измените во предложените два закона за медиуми, постои опасност дека тие нема да ја добијат поддршката од самите медиуми.

Известувачот се осврна и на случајот Кежаровски, потсетувајќи дека ЕУ е загрижена за одредени елементи од овој случај, и дека ваквите случаи можат да наменат страв меѓу новинарите и да промовираат самоцензура во медиумите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top