Словенечкиот пратеник во Европскиот Парламент Јелко Кацин за државната агенција МИА изјави дека нема надеж за решавање на спорот за името и дека дури и грчката европратеничка Марија Елени Копа била шокирана од веста дека грчкиот учесник во неодамнешните разговори за името предложил Република Македонија да се преименува во „Славјанско-албанска Македонија“.
– Состојбите не се зрели за решение. Марија Елени Копа денеска беше во шок кога и кажав каков е нивниот официјален предлог за името. Не можеше да поверува во тоа какво нешто предложиле, изјави словенечкиот пратеник во Европскиот Парламент Кацин, кој престојува во Вашингтон со група европратеници меѓу кои е и Копа од грчката партија ПАСОК, која во минатото била забележителна со своите изјави за спорот за името.
Кацин ја употреби шокираноста на грчката колешка да илустрира колку е далеку можноста за решавање на спорот за името, за кое словенечкиот евро-пратеник сепак првенствено ја обвинува Македонија.
Амбасадорот Метју Нимиц, на средбата во Њујорк, кажа дека немало напредок и дека двете земји остануваат со големи разлики во своите ставови, но не прецизираше за конкретните предлози што ги дале учесниците.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.