| четврток, 6 декември 2018 |

Во Тирана молк за учењето македонски

Македонците од Голо Брдо се уште чекаат одговор на барањето за учење на македонскиот јазик во основното училиште потпишана поднесена од „Мост“ со потписи на 45 родители

голо брдо децаМакедонците од Голо Брдо се уште чекаат одговор. Институциите во Тирана не одговориле на петицијата на Македонците од Требиште, Голо Брдо, кои што пред 20 дена побараа изучување на македонскиот јазик во основното образование.

На петицијата на македонското друштво „Мост” од Голо Брдо беа собрани 45 потписи од родителите на децата од основното училиште „10 покојници” во Требиште и заедно со барањето на друштвото „Мост” на 11 јануари беа  доставени до Регионалната канцеларија за образование во Булќиза, која е надлежна за образованието во Голо Брдо, до Дирекцијата за образование во Пешкопеја и до Министерството за образование на Република Албанија.

– По молкот на надлежните институции ние како друштво испративме допис до Владата на Република Албанија, Министерството за образование, Народниот правобранител, Комесарот против дискриминација, Државниот комитет за малцинствата, амбасадите на ЕУ и ОБСЕ во Албанија, како и до амбасадите на Македонија, САД, Србија и на Романија во Албанија, изјави Бесник Хасан,  претседател на „Мост“.

голо брдоСпоред „Мост“, петицијата е врз основа на Уставот на Република Албанија, Законот за образование на Република Албанија, Рамковната конвенција за заштита на правата на малцинствата, условот што и е поставен на Албанија за исполнување на 11-та препорака на Европската комисија за почитување на правата на малцинствата за земјата да добие кандидатски статус за членство во ЕУ, и врз основа на други конвенции и закони што Албанија ги има потпишано за правата на човекот и на малцинствата.

– Мајчин јазик во Требиште и Голо Брдо е македонскиот, децата до седмата година не знаат албански јазик и почнуваат да го изучуваат во училиште, се вели, меѓу другото, во писмото на македонското друштво „Мост”.

Претседателот на друштвото Бесник Хасани за весникот „Македониум“  изјави дека не го изненадува молкот на албанските институции, но дека Македонците од Голо Брдо нема да се откажат од нивното легитимно барање нивните деца да го изучуваат својот мајчин јазик.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top