| четврток, 6 декември 2018 |

Полицаец тепал граѓанин кој го пријавил градоначалникот на Карбинци за физичко насилство

Жител на штипското село Козјак бил претепан од полицаец откако пријавил дека градоначалникот на Карбинци претходно физички го малтретирал.  Полицаецот многу е веројатно дека ќе биде отпуштен. Насилството се случило на 19 јануари во полициската станица во Штип, кога по 18 часот Х.Г. од штипското село Козјак, дошол да поднесе пријава против градоначалникот на Карбинци В.Б. дека физички го малтретирал. Полицаецот Т.Д. спротивно на законските овластувања го повикал Х.Г. во неговата канцеларија каде што веќе седел градоначалникот и Љ.А. директор на фирмата „Дрво Декор“.


Во еден момент, другите припадници на МВР во станицата слушнале како Х.Г. моли за помош и се обиделе да влезат во просторијата, но биле спречени бидејќи некој од внатре ја туркал вратата. Откако го известиле командирот на станицата дека се спречени, тој наредил да се интервенира и Х.Г. бил извлечен од просторијата.

Х.Г. изјавил дека полицискиот службеник Т.Д. и директорот Љ.А. го удирале со нозете по телото барајќи да ја повлече веќе поднесената пријава за физички напад против градоначалникот на Карбинци, се вели во соопштението од МВР.

Против Љ.А. и полицискиот службеник Т.Д., МВР поднесена кривична пријава за мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување. Случајот е пријавен и во Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди, а на полицаецот му се заканува отказ поради две дисциплински постапки што Внатрешна контрола ги води против него. Едната е затоа што го претепал човекот и втората оти не му помогнал кога Љ.А. физички го малтретирал.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top