| четврток, 6 декември 2018 |

На 15 ноември последен повик за земја под закуп

nivaЗаменик-министерот за земјоделство, Зоран Коњановски, најави дека на 15 ноември ќе биде објавен последниот повик за давање под закуп на државно земјоделско земјиште.
Ваквата одлука, како што информира Коњановски, е донесена по обезбедените информации од директните средби со земјоделците и досега објавените 17 повици на кои се доделени 3.707 хектари државно земјиште.
– Станува збор за 1.650 земјоделски стопанства на кои со оваа мерка им излеговме во пресрет да си го решат долгогодишниот проблем кој го имаа со земјоделското земјиште кое го обработуваа, а за кое немаа договор за закуп. Во согласност на сите информации од терен, Министерството на 15 ноември ќе го објави последниот јавен повик за доставување понуди за давање во закуп на таквото земјоделско земјиште во државна сопственост – истакна Коњановски.
Повикот ќе биде објавен во медиумите, а Коњановски апелираше до земјоделски стопанства кои се уште го немаат решено проблемот се земјоделското земјиште навремено да обезбедат геодетски елаборат и да поднесат понуди за закуп.
– Овој повик ќе биде последен и во иднина нема да се распишуваат исти или слични постапки, поради што ги повикуваме земјоделците да ја искористат оваа последна можност за регулирање на правото на користење на земјоделското земјиште во државна сопственост, истакна Коњановски.
Од ресорното Министерство информираат дека најнискиот износ на годишната закупнина по хектар што можат да го понудат заинтересираните понудувачи ќе биде во висина на просечната годишна закупнина во регионот за давање на земјоделско земјиште во државна сопственост под закуп постигната во последните три години

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top