Евроамбасадорот Аиво Орав и министерот за локална самоуправа Тахир Хани денеска во Струга ја отворија ликовна изложба насловена „Да работиме заедно за подобра иднина“, што се организира по повод Европскиот ден на територијалната поделба.
– Ми причинува огромно задоволство да бидам денеска тука со вас за да го прославиме Европскиот ден на територијалната соработка, да ја прославиме меѓуграничната соработка и достигнувањата. На двете страни од границата, тоа што ни е најважно е да имаме чиста и безбедна животна средина, да имаме подобар пристап кон здравствената заштита, исто така и подобро образование за сите деца, како и подобри можности за разбота. Овие предизвици не се ограничени со граници. Нашите надежи се да имаме иднина без граници, истакна Орав.
Според министерот Хани, преку оваа прекугранична соработка се реализира мотото на зближување на Европската унија со нејзините соседи и сите оние кои го одбележуваат Европскиот ден за прекугранична соработка.
– ЕУ силно ја поддржува меѓуграничната соработка во сите нејзини сфери кои имаат влијание во нашиот секојдневен живот како транспорт, образование, енергетиката, животната средина, здравството како и јавната безбедност кои придонесуваат за зближување на луѓето. Во рамки на овие активности на луѓето им се овозможува подобрување на услсовите во кои тие живеат, а овие активности имаат и влијание на економската и социјалната состојба на самото население. Исто така влијаат на подобрување на кохезијата на меѓуграничните региони давајќи поддршка за двете земји на патот кон ЕУ, рече Хани.
Заменик-министерот за евроинтеграции на Република Албанија Мајлин Елмази изрази уверување дека меѓусебната соработка ќе ги однесе двете соседни земји, Македонија и Албанија побрзо во Европската унија.
– Тоа што е најважно е натпреварувачкиот дух кој што е присутен меѓу децата, па можеби и меѓу нас. Важно е да владее соработката. Јас верувам дека за процесот на вклучување кон Европската Унија е најважен духот на соработката, нагласи Елмази.
Градоначалникот на општина Струга Зијадин Села, како домаќин на изложбата рече дека целта на овој настан е да се промовираат европските вредности, но и да се продлабочи соработката.
– Идејата за обединување на Европа се роди кога постоеја граници не само ментални, туку и други граници. Меѓутоа, токму во рушењето на овие, да речам физички граници, се рушија и менталните. Со отстранување на границите во нашата потсвест, ќе можеме многу скоро да ги отстраниме и физичките граници, рече Села.
Како што беше истакнато на отварањето на изложбата, Европската унија поддржала 50-тина проекти во вредност од околу 10 милиони евра за меѓуграничната соработка на Македонија со Албанија. Оваа поддршка, нагласи евроамбасадорот Орав, се однесува на економската соработка, соработката за здрава и безбедна животна средина, на развојот на туризмот и на проекти кои се однесуваат на културни размени.
Ликовната изложба во Струга беше организирана во рамки на ИПА-програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Албанија. На отварањето им беа доделени и награди на најдобрите ученици-творци. Првата награда ја доби Матеја Шутарова од Скопје, втората – Ариела Хани од Република Албанија, а третонаградена беше тетовчанката Бледа Хаити.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Бејли и Орав: Партиите и институциите се одговорни за кредибилни избори
-
Најмасовниот Скопски маратон досега, пријавени повеќе од 4.500 учесници
-
Орав: ДИК одлично си ја врши работата и нема причина за сомнеж дека списокот ќе се прочисти навреме (видео)
-
ЕУ и САД: Да се сработат обврските за одржување кредибилни избори


