Судот смета дека се неосновани изјавите оти не е осуден само новинарот Кежаровски туку пресудата е вперена против слободата на изразување и слободата на медиумите. Затворската казна според судот не требала да ги заплашува новинарите, туку да ги загрижи за нивото на едуцираност на поедини новинари за случаи за злоупотреба на новинарското перо во функција на одредени интереси под превезот на јавниот интерес.
-Во оваа смисла ги прашуваме новинарите и сите оние што упатија остри реакции на пресудата на судот, дали јавниот интерес за откривање на заштитениот сведок и со тоа рушење на судска постапка претставува поголем јавен интерес од јавниот интерес за откривање на еден криминален акт на кривично дело убиство. Кој му го дал на новинарот правото по субјективна оценка да го брани јавниот интерес за нешто за кое државните органи кои го штитат јавниот интерес и ги спроведуваат законите воделе постапка.
Судот е зачуден и зошто новинарите, како што пишува во соопштението, го фаворизирале и реагирале само за Кежаровски а не и за другите обвинети во Ликвидација.
-Со реакциите се прави обид во јавноста да се прикаже дека судот применува драконски мерки, а новинарот претставува неука странка кој не бил воопшто свесен за последиците од објавените текстови, иако истиот неспорно е правник по струка и во своите текстови во списанието Репортер кога го објавил идентитетот на заштитениот сведок, детално го обработувал Законот за заштита на сведоци, злоупотребувајќи ја притоа дејноста новинар за да се прикаже сега во јавноста дека го штител јавниот интерес наспроти постапка за кривично дело убиство која се водела пред судските органи во тој момент.
За утре Иницијативниот одбор за ослободување на Кежаровски најави протест пред музејот на ВМРО, за да го изрази несогласувањето со затворската казна од 4 и пол години која судот вчера му ја изрече на Кежаровски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.