Завршија годинашните археолошки истражувања на локацијата Џaмаџлиски гробишта во близина на археолошкиот локалитет Баргала. Стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Штип во текот на истражувањата пронајдоа значајни наоди, меѓу кои и десет гроба од 3 и 4 век од н.е., како и повеќе предмети од керамика кои потекнуваат од железниот период.
Според археолозите, станува збор за дел од некропола на археолошкиот локалитет Баргала со гробни конструкции од камен и ѕидани гробници и меморијални споменици со долг период на користење. Пронајдената керамика од подлабоките слоеви и бронзената двојна игла со преплет во форма на буквата М пронајдена на локалитетот укажуваат на постоење на Пајонска населба на овој простор.
Истражувањата на оваа локација првпат се спроведени во 2012 година при што се откриени ѕидана гробница и семејна гробница со шест гроба врамени со камени блокови.
Археолошките истражувања на локацијата Џaмаџлиски гробишта ќе продолжат во 2014 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.