| четврток, 6 декември 2018 |

Јанкуловска: Црвенковски на претходните предвремени парламентарни избори беше смрзнат од страв, каков што е сега и Заев

Доставената информација до Собранието во која се бара расправа за правото на пресумпција на невиност е најдобра илустрација на хипокризијата и двојните стандарди на СДСМ, оценува во интервјуто за МИА, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. На прашањето за Информација што СДСМ ја достави до Собранието во која се бара расправа за случајот Претседавач и за нарушувањето на уставно загарантираното право на пресумпција на невиност таа вели:

– Самата информација е најдобра илустрација на хипокризијата и двојните стандарди на СДСМ. Доколку се искрени и доколку навистина сметаат дека имало нарушување на пресумпцијата на невиност сигурно би го тужеле МВР. Знаат дека нема ниту говор за такво нешто и одлучуваат само да ја искористат секоја можност да ја девалвираат државата и правосудниот систем. Сметаат дека секој неуспех или критика за Македонија е успех за нив. Дали покажаа макар еден аргумент, соопштение или информација дека МВР ја нарушило пресумпцијата? Не. Можеби јавноста и нема добар увид бидејќи вестите ги следи со задоцнување, но вие, како и сите новинари сте сведоци на двојните стандарди на СДСМ. Точно знаете дека и за случајот „Шпиун“ и за случајот „Претседавач“, СДСМ воспостави нова практика и ве повика во партискиот прес центар соопштувајќи ги имињата на осомничените уште пред воопшто МВР да излезе со каква било официјална информација. Впрочем, сите може да се уверат и на нашата интернет страна дека, дури и кога ќе излеземе со информација, многу внимаваме на објавувањето иницијали, наместо имиња и презимиња, и инсистираме дека лицата се осомничени, а не и дека се прогласени за виновни. Видете што прави СДСМ. Во ист ден се жали на пресумпцијата на невиност и информира дека поднесува кривична пријава нагласувајќи на прес-конференција дека пријавиле член на владата, притоа на најгруб начин повредувајќи ги нејзините права. Сетете се на некоја наша таква конференција. Не можете, бидејќи немало. Има само клевети, навреди и манипулации карактеристични за партијата која седум пати по ред е казнувана за ваквото однесување и потценување на граѓаните и медиумите.

Според СДСМ судот е под притисок и влијание на власта и организираше протести за охрабрување во насока на независно постапување, при што побараа и укинување на притворот. Како ги толкувате протестите и колку власта има влијание врз работењето на судовите?

ЈАНКУЛОВСКА: Тоа е таа политика на девалвирање и деградирање на сопствената држава и сопствените институции, која СДСМ во континуитет, без исклучок, ја практикува. Тоа е потценувањето на целокупниот правосуден систем. СДСМ се уште живее во времето на мрачната транзиција и криминалната приватизација. Се уште се во времето кога со кревање рака, Црвенковски и неговите послушници одлучуваа кој ќе стане судија, а кој обвинител. Се уште мислат дека тој што го избрале на таква одговорна функција им е доживотен должник и мора да работи по нивно убедување, а не по закон. Затоа во време на нивното владеење Македонија го допре дното, но за среќа на сите нас, од тогаш минаа многу години.Зошто ги потценуваат и омалуважуваат судиите? Зошто сметаат дека им треба охрабрување? Зошто сметаат дека тие се некомпетентни сами да се пожалат или обратат доколку се чувствуваат загрозени? До кога планираат да си поигруваат со граѓаните и меѓународната заедница со вакви мизерни оправдувања за притисоците што ги вршат? Зарем треба да им поверуваме или да им дозволиме во иднина, наместо со пробивање на полициски кордони и упаѓање во канцелариите на судиите, да се обидат и со физички напади и насилство да ги охрабруваат судиите?

Ден по акцијата „Претседавач“ имаше пријава и притвор и за претседателот на управниот одбор на „Млаз Богданци“. Како СДСМ оцени дека тој не е достоен за протести? Како СДСМ оцени дека не треба да се охрабри судот и во тој случај? Како СДСМ оцени дека не треба да се охрабри судот и во истата пријава против директорката на УЈП или кој било од другите 11-мина осомничени?

ЈАНКУЛОВСКА: Да не беше трагична, ќе беше смешна претставата на која се сведоци сите граѓани. Замислете како се чувствуваат професионалците и во МВР и во Јавното обвинителство и во судот. До нив доаѓа информација за сериозен криминал во „Машинопромет“. Одлучуваат да ја проверат. Работат со месеци согласно законот. Врз основа на доказите пишуваат кривична пријава и ја доставуваат. Обвинителството ја разгледува и ја прифаќа. Поднесува барање за отварање истрага. Истражниот судија го разгледува и се произнесува позитивно повикувајќи ги осомничените.

После сево ова излегува СДСМ. Не спори со фактите, туку им се заканува на полициските инспектори, обвинителите, судиите. Им велат дека не смеат да постапуваат по информации ако со нив се засегнати членови на партијата. Им велат дека ќе настрадаат доколку се смени власта само заради тоа што постапиле по закон.

Во јавноста се крена голем прав со случајот „Претседавач“. Повикувајќи се на името, опозицијата обвини дека станува збор за политичка пресметка и обид да се узурпира вољата на гласачите во Општина Центар. Зошто токму сега се отвара случајот „Машинопромет“ кој беше актуелен години наназад?

ЈАНКУЛОВСКА: – За жал институциите и граѓаните веќе навикнаа да се крева прав, да се упатуваат навреди и закани, секогаш кога се документираат противзаконски дејствија за кои се товарат функционери или членови и симпатизери на СДСМ. Да беше првпат, можеби и ќе можевме нешто да и припишевме на случајноста, неукоста, грешките или пропустите во проценките на СДСМ. После протестите и изливите на гнев во случаите „Тенковски делови“, „Глобал“, „Пајажина“ и ред други предмети за сериозен криминал, вклучувајќи го и последниот, се чини дека нема простор за таква опција. Дефинитивно СДСМ смета дека сите граѓани не треба да бидат исти пред законите и дека законите не треба да важат подеднакво за сите граѓани. Особено не за СДСМ затоа секој криминал во кој е инволвиран некој близок на партијата мора да се политизира и затоа за секој ваков случај мора да се крева врева и да се урива угледот на Република Македонија, нашиот правен систем и нашите институции.

Случајот од полициски аспект, е чист како солза. Би рекла класика. Противзаконски се обезвреднува и раскрчмува имотот на едно претпријатие, а на доверителите им се нанесува огромна материјална штета. Криминалот за кој се сомневаме дека е сторен е според документите е од 2011 година. Ни беше потребно време за проверка и документирање на сите информации до кои дојдовме по незаконската продажба на имотот на Машинопромет. Тогашниот претседател на Управниот одбор, годинава стана советник и претседател на советот на општината. Зарем требаше да им кажеме на оштетените да ги заборават милионите кои некој бесправно им ги одзел? Зарем вие или кој било граѓанин би бил задоволен со одговор „видете, првоосомничениот сега е функционер на СДСМ, а во случајот е инволвиран и неговиот брат, така што најдобро е да се откажете и вие и ние од натамошното барање на правдата, бидејќи СДСМ и градоначалникот ќе бидат многу лути, ќе инсценираат кризи и ќе ја срамат својата драва пред меѓународната јавност“? Зарем требаше да чекаме да му заврши мандатот или евентуалната одлука СДСМ да го смени? Ние не сме подготвени на такви отстапки кога е во прашање правдата.

Кога во други постапки стануваше збор за претседател на совет и градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ или било кое друго лице кое е блиско до ВМРО-ДПМНЕ? Јас лично и ние како партија секогаш инсистираме што е можно побргу да се затвори случајот. Ги оставаме органите на прогонот без притисок, независно, да одлучат за вината, бидејќи сметаме дека граѓаните не смее да имаат ниту трошка сомнеж во кадрите и функционерите кои ги предлагаме. Сетете се дали ВМРО-ДПМНЕ протестираше пред судот кога во акцијата Змиско Око беше приведен тогашниот претседавач на советот на општина Градско, и претседател на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ? Сепак тоа што го гледаме кај СДСМ е дијаметрална спротивност за која во континуитет се казнувани од граѓаните.

Во што точно се состои криминалот кој му се става на товар на првоосомничениот?

ЈАНКУЛОВСКА: Согласно Извештајот за проценка на имотот на АД-„Машинопромет“, вредноста на стоката на залиха со која располагале била проценета на износ од 64.281.043,00 денари. Управниот одбор во два наврати, без соодветно образложение ја намалува вредноста на стоката, од што се претпоставува умислата за продажба на стоката по ниски цени. Во меѓувреме АД „Машинопромет“ доставува Известување до УЈП, во кое ги информира дека стоката на залиха со која располагаат е застарена и дел од истата нема никаква пазарна вредност и бараат да биде расходована односно да се отуѓи како отпаден материјал. Како доказ ги обезбедивме и решенијата од ОСС 2 Скопје од септември 2010 година, кога по предлог од доверител отворена е предстечајна постапка и донесена мерка за „забрана за оттуѓување на имотот“ на АД„Машинопромет“. Спротивно на ова Решение одговорните лица во АД „Машинопромет“ во текот на април 2011 година вршат продажба на целокупната залиха на трговска стока со која располага Друштвото, како отпадно железо на правното лице „Би Метали“ Штип, но фактички робата завршува и е наменета за правните лица „Ин-Ком“ и „Интеркомерц“ Штип кои подоцна ја пласираат стоката на пазарот со вистинската малопродажна вредност. Имено, во АД „Машинопромет“ пронајдовме и документација за водење на двојно книговодство. Како поткрепа на фактот дека станува збор за противзаконско дејствие, говори и податокот дека пријавениот сопственик на „Ин-Ком“ не го уплатил договорениот износ од 250.000,00 денари на АД „Машинопромет“, туку на сметката на правното лице „Сиком“–сопственост на братот на првоосомничениот. Од паралелната евиденција, односно фактурите и испратниците од „Би Метали“ до „Ин-Ком“ и „Интеркомерц“, утврдено е дека испорачаните (фактурирани) резервни делови кон „Ин-Ком“ и „Интеркомерц“ се пласираат на пазарот (иако истите од АД„Машинопромет“ се продадени како старо железо) со што се докажува дека продадената роба како старо железо имала вистинска пазарна вредност. Замислете ситуација каде фирма регистрирана за трговија со старо железо, својот производ го продава на фирми кои немаат лиценца за тоа, туку за трговија со делови. Со наведените дејствија пријавените лица го оштетиле АД„Машинопромет“ Скопје и акционерите на истото за над милион евра и Буџетот на Р.М. во износ од 13.903.887,00 денари, што е долг на „Машинопромет“ по основ на јавни давачки заклучно со 2011 година. Трговска стока од АД„Машинопромет“ Скопје наводно „продадена“ на „Би Метали“ ДОО Штип, во моментот, во најголем дел се наоѓа во магацинските простории на друштвото „Ин-Ком“ ДОО Штип. Од страна на МВР истата е запечатена, фотодокументирана и оставена на чување во магацинските простории на друштвото „Ин-Ком“ ДОО Штип.

Мислите ли дека тоа е доволно за да се оттргне сомнежот дека не станува збор за преземање на Општината? Градоначалникот најави можност градинки и училишта да останат без пари за огрев заради неможност да се донесе ребалансот.

ЈАНКУЛОВСКА: Нема потреба од длабоко размислување бидејќи законот е јасен. СДСМ доби тесно мнозинство во Центар. Законот предвидел како да се сочува тоа мнозинство и во случај да се откаже или да биде спречен некој од советниците. СДСМ има уште кандидати на листата доколку ценат дека е потребно некој да го замени претседателот. Доколку и самите се сомневаат во својата листа и во лицата со кои ја пополнувале е нивен внатрепартиски проблем. Од моја, граѓанска перспектива, јас не гледам причина зошто не би функционирал советот и во ваква формација. Верувам дека и нашите и советниците на СДСМ се избрани за да работат за доброто на граѓаните. Еден компетентен градоначалник би знаел да покаже мудрост и да води политика за доброто на сите. За жал актуелниот, досега не покажа дека има капацитет, некаква визија или некакви проекти за натамошен развој на општината. Видовме само најави за блокади, уривања, откажувања и деструкција. Изминаа безмалку шест месеци или половина од првата година од мандатот, а по медиумите се истакна со бизарни забрани за кучиња што лаат, со фрлање пари по нему блиски медиуми, по проблемите со Паркинзи на општина Центар, по девастацијата на КК „Работнички“ и најавите за тужби… Сигурно може да очекувате дека нашите советници би предложиле или поддржале обезбедување на средства за поддршка на нешто што е во интерес на граѓаните, како што беше случајот со враќање на целодневната настава, но никако не може да се очекува дека тие треба да поддржат вработување без конкурс на партиски активисти-новинари кои му помагале во изборите.

Градоначалникот Жерновски упати и писма до Амбасадорите, а раководството на СДСМ ги информираше на средба во партискиот штаб. Дали ви се обратија меѓународните претставници?

ЈАНКУЛОВСКА: Редовно имаме комуникација со нашите партнери од меѓународната заедница. Кога им го објаснуваме случајот, најблаго речено се зачудени од однесувањето на СДСМ кои стана пракса да им презентираат состојби кои се далеку од реалноста. Самите меѓународни претставници се свесни дека практиката на СДСМ за напаѓање на сопствените институции е без преседан. Верувајте дека и тие знаат колкав е очајот кога сте доведени во ситуација да не може да црпите легитимитет од тие што ве гласаат и наместо тоа да барате легитимитет за вашите постапки од странец. И тука драстично се разликуваме од СДСМ. Ние добиваме мандат од граѓаните и за се што правиме легитимитетот го очекуваме од нив и ним сме обврзани да им го понудиме нашиот отчет.

СДСМ најави повлекување од советите и замрзнување на учеството во комисијата која треба да ги имплементира препораките во врска со настаните кои претходеа на 24 Декември. Има ли простор за компромис?

ЈАНКУЛОВСКА: Компромис на штета на граѓаните и компромис околу почитувањето на законите е карактеристика на Црвенковски и СДСМ. Ние никогаш немаме намера да лицитираме или да се нагодуваме со нешто што не е во ингеренција на извршната власт. Ваквите барања ја покажуваа деструкцијата на СДСМ. Советниците на СДСМ добиле мандат да ги решаваат проблемите на граѓаните на локално ниво. СДСМ одлучува да ги жртвува граѓаните за вршење притисок врз судот. Членовите на комисијата за имплементација на препораките добија мандат да работат на точките, но СДСМ одлучи да ги жртвува националните интереси за да изврши притисок врз судот. Немаме намера да бидеме соучесници во нивното мајтапење со интересите на државата.

Кога сме кај изборите, претседателот на ДИК Борис Кондарко си поднесе оставка. Сметате ли дека со нов претседател побргу би се исполниле условите кои ги поставува СДСМ и каква соработка очекувате?

ЈАНКУЛОВСКА: Целата јавност уште ја памети сликата на Црвенковски од претходните предвремени парламентарни избори. Беше смрзнат од страв. Баш каков што е сега и Зоран Заев. Никогаш не е лесно да се соочите со судот на граѓаните. Не е лесно да ви кажат во лице што мислат ако вашите политики се погубни. Може да се лаже меѓу два изборни циклуси, но кога доаѓа денот на гласање, доаѓа и моментот на вистината. Тоа е тој момент кој на СДСМ му се повторува седум пати по ред. Заев сега, како и Црвенковски тогаш, сметаат дека со промена на првиот човек на ДИК ќе го одложат тој момент или ќе створат забуна за да не одговараат за катастрофалниот пораз на сопствената политика.

Јас лично сум убедена дека Кондарко е принуден да даде оставка бидејќи пред две недели во „Вест“ ја кажа вистината дека соработката со МВР и другите државни институции е на високо ниво и оти нема забелешки на досегашното постапување околу избирачкиот список. Раководството на СДСМ не можеше вторпат да му ја прости искреноста и тоа што ја кажал вистината, откако веќе еднаш пред локалните избори, како најнадлежен, изјави дека избирачиот список е прочистен и го потпиша, а за воља а вистината сите партии, вклучително и СДСМ се сложија со тоа. Не се согласувам дека треба да го игнорира мандатот и одговорноста пред законот и граѓаните за сметка на одговорноста пред Заев. Тоа е лош и недемократски пристап.

Се надевам дека набргу ќе биде номиниран нов член на ДИК и дека Зоран Заев нема да му довери мандат различен од оној во законот, односно нема да му нареди како единствена задача да ги кочи и минира претстојните избори. Ние сме секогаш подготвени за фер и коректна институционална соработка во интерес на граѓаните.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top