
Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски денеска во Атина се сретна со првиот човек на грчката престолнина Јоргос Каминис, јави дописникот на МИА од Атина.
На средбата е разговарано за соработката на Градот Скопје со Градот Атина, за заеднички проекти кои ќе можат да ги реализираат двата града и за поблиска соработка меѓу нив.
Трајановски го покани Каминис, кој веќе бил во Македонија, да го посети Скопје, со цел продлабочување на соработката.
– Сметам дека ова е еден добар почеток на соработка меѓу градот Атина и градот Скопје, изјави Трајановски по средбата и информира дека двајцата градоначалници се договориле да има соработка и на ниво на администрацијата и стручните служби.
Каминис рече дека ја прифатил поканата на скопскиот градоначалник и оти ќе му биде драго да ја посети нашата земја. Тој информира дека средбата поминала во многу добра атмосфера и оти разговарале за заедничките проблеми на двата града. Токму затоа, градоначалниците наоѓаат заедничка основа врз која меѓусебно се разбираат.
– Целосно сме свесни за фактот дека соработката меѓу градовите може да биде многу полесна од соработката меѓу земјите, без формалности и со осврнување на конкретни прашања кои се заеднички за градовите. На таков начин се подготвуваме ние самите, и на некој начин ги подготвуваме и нашите земји подобро да се разберат меѓу себе, изјави атинскиот градоначалник по средбата.
Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски денеска во Атина учествуваше на 15. Конференција на Унијата на главни градови на земјите на Централна и Југоисточна Европа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


