Поранешниот министер за надворешни работи Денко Малески смета дека излез од ќор-сокакот во кој се наоѓа Македонија во спорот за името со Грција е создавање нова надворешна политика на државата, која ќе биде производ на усогласени ставови на главните политички партии. Малески во интервју за новиот број на неделникот Република предлага oд тој договор да произлезат и црвените линии на македонската страна со кои ќе се направи дистанца од политичкиот поглед на една партија. Поранешниот шеф на македонската дипломатија не е оптимист дека работите одат во вистинска насока кога станува збор за потребата од цивилизиран дијалог меѓу политичките партии во земјава, а како резултат на тоа се оддалечуваме од решенија на клучните проблеми на државата, вклучувајќи го и проблемот со Грција. За него, спорот околу македонскиот идентитет е тема што не постои и смета дека проблем за ова прашање побрзо би имале со Бугарија, отколку со Грција.
Велите дека е дојден момент да се преземе некаква акција за да се промени ова статус кво, односно дека е потребно да се редефинира надворешната политика на државата. Како конкретно ја замислувате таа акција?
МАЛЕСКИ: На Македонија ѝ е потребна нова надворешна политика, која ќе биде производ на усогласените ставови на главните политички партии во земјата. Новата надворешна политика ќе произлезе од тоа што политичките партии ќе го формулираат како државен интерес. Така, преку демократскиот процес, од нашиот пат кон НАТО и кон ЕУ ќе го отстраниме митот дека државниот и национален интерес е нешто што е запишано во камен или е исковано во ѕвездите. Само ваква стратегија, со која ќе се направи нужната дистанца од политичките погледи на една партија и од ставот на државата, земјата ќе може да излезе од ќор-сокакот во кој сме сега. Истата стратегија може да ја извлече од ќор-сокак и самата владејачка партија, која, со својата непопустливост, може да предизвика длабоки политички поделби и конфликти во домашната политика.
Има ли шанси македонските партии да договорат единствена платформа, национална стратегија за спорот со Грција, кој нема да се менува со промената на секоја влада, како што направи Грција во 2009 година, кога прифати зборот Македонија да стои во евентуалното компромисно име и сега тоа го презентира како голем чекор напред во преговорите?
МАЛЕСКИ: Ако научиме да разговараме како патриоти од двете страни на расправата, има. Ако продолжиме да се делиме на патриоти и на предавници, нема. Сѐ додека немаме цивилизиран дијалог меѓу партиите во Македонија, нема да има решение за крупните проблеми со кои се соочуваме, вклучувајќи го и проблемот со Грција. За жал, работите во домашната политика одат токму во спротивната насока, оддалечувајќи нѐ од решение.
Сметате ли дека со вакво решение ќе бидат загрозени македонскиот идентитет и јазикот?
МАЛЕСКИ: Во еден мој текст објавен и во виенски „Еврозин“ напишав дека ние дебатираме за непостоен спор. Бидејќи главниот елемент на дистинкција на идентитети во современиот свет е јазикот, а ние зборуваме словенски јазик, додека Грците модерна верзија на грчкиот, се прашувам – каде е спорот. Побргу би имале идентитетски спор со Бугарите поради блискоста на нашите јазици и поради периоди на заедничка историја. Значи, судирот со Грција е судир на национализмот на два народа на кој, како таков, не му е важна реалноста туку тоа што е запишано на небото.
Можеме ли да прифатиме промена на Уставот и на личните документи и слични решенија, кои се апсолутно дел од внатрешната политика на една држава?
МАЛЕСКИ: Многу работи ќе зависат од тоа колку успешно ќе ја разрешиме „непостојната“ идентитетска тема.
(Целото интервју со професорот Денко Малески ќе можете да го прочитате во новиот број на неделникот Република кој е во продажба од денеска, 18 октомври)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.