| четврток, 6 декември 2018 |

Британски џез го отвори „Скопскиот џез-фестивал“

Со настапот на британско-словенечкиот тандем Еван Паркер – Златко Каучич и Британците „Гет д блесинг“ вчеравечер во Македонската опера и балет (МОБ) почна 32. „Скопски џез-фестивал“, кој ќе трае до 21 октомври.

Првата вечер од годинашното издание на фестивалот беше посветена на британскиот џез и на 20-годишнината од македонско-британското пријателство и првпат доаѓа еден од најистакантите современи џезери во светот, саксофонистот Еван Паркер. Тој настапи со словенечкиот интернационалец Златко Каучич, а втората група што настапи е „Гет д блесинг“, која последните години беше неколку пати прогласувана за најдобра во Англија и ѝ припаѓа на помладата генерација.

И вечерва, на втората фестивалска вечер концертите ќе се одржат во МОБ, и тоа со дуетот Сидсел Ендресен и Стиан Вестерхаус од Норвешка, а потоа следува американскиот квартет „Аберкромби“.

В сабота во Универзална сала е балканската премиера на проектот „Балкан фивер“ со Влатко Стефановски, Мирослав Тадиќ и Теодосиј Спасов, кои ќе настапат со Македонската филхармонија под водство на австрискиот диригент Кристијан Јарви. В недела во Универзална сала ќе гостуваат џез-иконата Роско Мичел со своето трио и легендарната џез-пејачка Касандра Вилсон со бендот Хариет Тубман.

Последната фестивалска вечер е на 21 октомври и е резервирана за парискиот трубач со либанско потекло Ибрахим Малуф, кој доаѓа со осумчлена група и ќе го претстави својот проект „Илузија“, а по него ќе настапи Англичанецот Дејв Холанд, еден од најдобрите басисти во историјата на џезот.

Во полноќните термини има џез-концерти во „Сити хол“ (поранешен Хард рок), каде што вечерва ќе настапи групата на тромбонистката и композиторка Реут Регев. Утре гостува Никола Конте Комбо, в недела трубачот Питер Еванс со своето трио Зебулон, а на последната  вечер во „Сити хол“ ќе настапи бразилскиот трубач Роб Мазурек со проектот „Сао Пауло андерграунд“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top