Вработените во ОХИС веќе не се дел од пакетот за продажба на фабриката на приватен инвеститор откако падна договор до крајот на месецот тие да одат под Агенцијата за вработување, известува „Телма“. Од Министерството за економија велат дека ќе објават нов тендер за продажба на ОХИС откако владината комисија за приватизација ќе го определи моделот, а државата ќе направи нова процена за вредноста на поранешниот хемиски гигант.
– Се надеваме дека Владата ќе успее да најде заинтересиран инвеститор, а тој ќе врати на работа најголем дел од вработените. Сега ѝ се дава можност на Владата и евентуално на заинтересираните партнери, ако бил проблем бројот на вработени, на полесен начин да се оствари продажбата на фабриката. На потег е Владата да одлучи кој модел за решавање на статусот на ОХИС ќе го примени – изјави Пеце Ристески, претседател на Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство (СИЕР).
Според Ристески, во консултација со вработените било прифатено тие привремено да бидат запишани во Агенцијата за вработување и да добијат отпремнини во висина од по шест плати, но не помалку од 1.400 евра по лице. При тоа доколку фабриката се продаде или отиде под стечај ќе го задржат правото да бараат исплата на заостанатите 23 плати, објаснува Ристески.
Во ОХИС има речиси 800 вработени. Најголем дел од нив околу една и пол година се на принуден одмор, бидејќи во фабриката не се одвива никаков процес на производство. Владата до сега не успеа да најде приватен инвеститор, и покрај тоа што објави 11 тендери за продажба на ОХИС.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.