Жесток дуел се разви меѓу поранешниот гувернер и министер за финансии Петар Гошев и долгогодишниот новинар Љупчо Зиков, а сега главен кандидат за претседател на новата партија Алијанса за позитивна Македонија, во светло на престојните претседателски избори, пишува Утрински весник.
Гошев го нарекува Зиков „крлеж“, а тој му возвраќа со „прибери си ја устата – т.е. пачаврата“. Сѐ почна по прозивката што ја упати Зиков на адреса на поранешниот гувернер, во емисија емитувана на „Канал 5“, на која се дискутираше за изборите в година.
Зиков рече дека Гошев цели седум години од позиција гувернер на НБРМ ги премолчувал и не се спротивставувал на економските и фискалните политики на Владата. Затоа, како што рече, тој нема морален кредибилитет да биде опозициски претседателски кандидат.
Следеше реакција од Гошев што ја пренесе порталот „Мактел“.
„Авторот на тие квалификации и по карактер и по професија е крлеж. Тоа е единствениот талент што го поседува. Без тоа не би можел да се прехрани. Се знае од кого цица и за кого цица“, одговара Гошев.
Потоа, додава дека се работи за неетички шљам и дека нема намера поради такви да објаснува каква била неговата улога кон крајот на осумдесеттите и во почетокот на деведесеттите години од минатиот век.
„Господине Гошев, вие цицавте ли цицавте од транзицијата и приватизацијата и со чисти и со валкани раце – 23 години. Откако добро си го распоредивте семејството по банки и добро котирани фирми и откако незаслужено од партија во партија од министер на министер се насадивте на седумгодишен незаслужен мандат за гувернер на НБРМ, денес сакате да бидете и претседател. Многу ви е Гошев. Многу ви е“, се јави Зиков со контрареакција.
„Одговорен сте заедно со многу во вашата генерација за многу лоши нешта во оваа земја… За разлика од вас, кој цело време заработувате со неработење и шупливо паламудење и шлаење по ходници… и да не кажувам што уште не, јас мојот живот го изградив на морал и многу, многу работа. Без ниеден ден државен благослов. Разбираш ли ти, лажен либералу, што е тоа?“, пишува Зиков.
Поранешниот гувернер се споменува како можен кандидат на опозицијата на престојните избори за претседател. Тој, неодамна, во емисија на „Алсат“ одговори неодредено на прашањето дали ќе се кандидира за шеф на државата: „Не можам да останам рамнодушен на сето она што се случува во државата и затоа ќе бидам гласен. Никогаш не сум се плашел и нема да се плашам да го кажам тоа што го мислам“, рече Гошев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.