| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Ја намаливме невработеноста од 38 на 28,8 отсто во време на светска криза

Boston biznis forum gruevski1

– Невработеноста е сѐ уште висока и ние сме фокусирани на тоа прашање. Но, мораме да кажеме дека во изминатиот период се направи сериозно придвижување, дојдовме во ситуација во Владата кога имавме 38 отсто невработеност, сега е 28,8 отсто. Тоа е сериозно намалување и што е најважно тоа е намалување во тежок период кога имаме светска криза и европска должничка криза кои значајно го забавуваат темпото на економијата, го намалуваат извозот, внесот на странски директни инвестиции во земјата – истакна македонскиот премиер  Никола Груевски, по промоцијата на новата опрема во Градската општа болница „8 Септември“.

Тој нагласува дека Македонија бележи намалување на невработеноста во период кога дел од земјите во Европа бележеле зголемување на невработеноста. Најавува дека македонската Влада нема да застане тука и нема да биде задоволна или среќна од постигнатите резултати, будејќи невработеноста сѐ уште е многу висока.

– Сѐ уште треба да останеме фокусирани на нејзиното намалување. Сите мерки за кои зборуваме што ги правиме во делот на економијата, крајната цел на тие мерки е отворање на нови работни мест – рече Груевски.

Исто така, на новинарско прашање за тоа дали Владата ќе спроведе ревизија на процесот на вработување во „Македонски шуми“, појасни дека приемот на 1.600 лица не подразбира нивно вработување во „Македонски шуми“ туку распределба во сите државни институции.

– „Македонски шуми“ во овој случај е само портата за влез во државната и јавната администрација. Така што кога ќе ги добијат решенијата ќе добијат решение за „Македонски шуми“ и веднаш решение за таму каде што ќе бидат распределени. Тоа беше направено заради полесно менаџирање на процесот – додаде премиерот Никола Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top