| четврток, 6 декември 2018 |

Што се случува со Макфест?!

makfest

Вечерва се оддржува финалната вечер на познатиот музички фестивал „Макфест“. Но поради технички проблеми на МТВ финалето имаат можност да го гледаат само присутните во салата во Домот на културата во Штип. 28. издание на традиционалниот фестивал ни од далеку не личи на она што некогаш беше Макфест. Многу хитови од овој фестивал се пејат со години, многу звучни имиња започнале токму од оваа сала.

Пред неколку години, кога поради финансиските проблеми на традиционалниот спонзор на Макфест се закануваше изумирање на фестивалот, се крена Општината, се крена и естрадата, музичките работници и заеднички го вратија во живот фестивалот на кој настапувале познати имиња, како од земјава, така и од некогашна Југославија. Изминатите неколку години слушнавме добри песни, видовме одлични сценски настапи, познати автори, одлична сценографија…

Но годинава  Макфест поминува бледо, со многу малку познати имиња, (Маја Вукичевиќ, Кристина Арнаудова…) без директен пренос на МТВ, без реклама за фестивалот, без никаква најава… Наместо три фестивалски вечери, како што бевме научени да гледаме, годинава имаше една полуфинална вечер, на која беа изведени сите композиции. Од нив само пет-шест отпаднаа, другите поминаа во финале… За квалитетот на песните нема да коментираме, тоа ќе го каже македонската публика, кога ќе има можност да ги слушне мелодиите на радио… Рака на срце, барем според екипата на Република која е присутна во Штип, се појавиле многу добри нови, млади вокали, со одлични настапи, но сето тоа далеку од јавноста…

Не е ни чудно што многумина знаат дека викендов во Штип се јадат пастрмајлии, а ретко кој знае дека има и Макфест. Доколку организаторот сака да го задржи реномето на фестивалот на кој пееле Хелена Благне, Кичо Слабинац, Поп Дизајн, Тања и Лидија Кочовски, Игор Џамбазов, Љупка Димитровска, Трајче Манев, Владо Јаневски, Интервали, Тоше Проески, Каролина Гочева… ќе мора уште веднаш да ги засука ракавите и да се подготвува за  следното 29. издание…

Погледнете ја фотогалеријата од 28. издание на Макфест.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top