| четврток, 6 декември 2018 |

Одбиените бараат повторување на огласот од „Македонски шуми“, Караџоски тврди се беше максимално транспарентно

Граѓани од Куманово кои аплицирале на конкурсот за вработување во ЈП “Македонски шуми“ сметаат дека изборот на кандидати е направен на нетранспарентен начин.

Тие тврдат дека меѓу вработените има повеќе лица од едно семејство, како и повратници од странство. Затоа бараат поништување на конкурсот за да се примат на работа оние кои навистина заслужуваат.

-И повеќе од максимум ги исполнувам условите. Има завршено високо образование, цели 27 години редовно се пријавувам во Агенција за вработување и никогаш не сум била вработена.Ги приложив сите документи, сите сертификати. На телевизија беше кажано дека ова ќе биде шанса за луѓе кои немале врски и не се вработиле досега. Примени се луѓе кои досега работеле на повеќе работи места.  Слушнав дека меѓу избраните има невработени кои скоро се вратени од Авганистан. Правдата не е задоволена и мислам дека треба да се направи ревизија на тој избор – изјави Ј.Ј. од Куманово.

Од “Македонски шуми“ велат дека податоците се проверени на терен и изборот е направен на транспарентен начин. Директорот Жарко Караџоски објаснува дека секогаш ќе има незадоволни граѓани бидејќи аплицирале 23.700 невработени граѓани, а примени се 1.600.

-Обвинувањата не се вистинити. Се беше максимално транспарентно. Се работеше со тимови од министества, од УЈП, Влада, се проверуваа податоците на терен ако има сомнеж, ако нешто е нејасно. Софтверот не познава емоции. На крајот на краиштата ако има над 20.000 апликанти, можно е 6.000 да ги исполнуваат условите, а се примени 1.600 – објаснува Караџоски.

Незадоволните кандидати тој ги упати да поднесат приговор ако сметаат дека се онеправдени. Изборот ќе биде конечен кога ќе заврши рокот за жалби и приговори, додава тој.

Во кумановско на конкурсот за социјалци се примени околу 180 лица.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top