| четврток, 6 декември 2018 |

Денови на аргентинска култура во Македонија

Во Кинотеката на Македонија се одржуваат денови на аргентинска култура. Заменик-министерот за култура, Драган Недељковиќ, денеска во просториите на Министерството за култура оствари средба со амбасадорот на Аргентина, Гилермо Салвадор Азрак, на која разговараа за манифестацијата и за унапредување на соработката во областа на културата меѓу двете земји.

Заменик-министерот Недељковиќ на средбата истакна дека одржувањето на манифестацијата „Денови на аргентинската култура“ претставува значаен импулс во продлабочувањето на билатералните односи меѓу Република Македонија и Аргентина, како и за интензивирање на соработката меѓу институциите од областа на културата. Беше потенцирана и подготвеноста на Министерството за култура за потпишување билатерален документ со кој би се воспоставила правна рамка за реализација на конкретни проекти и активности во областа на културата. На средбата, Недељковиќ го запозна аргентинскиот амбасадор со капиталните инвестиции на Министерството за култура и упати отворена покана за учество на уметници од Аргентина на фестивалите во Република Македонија.

Амбасадорот Азрак го изрази своето задоволство од можноста аргентинската култура да биде претставена пред македонската културна јавност во рамките на „Денови на аргентинската култура“, како и за поддршката од страна на Министерството за култура за нивната реализација. Тој го информираше заменик-министерот дека аргентинската култура, освен со филмска програма, ќе биде претставена и преку програмата за превод на дела од аргентински писатели.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top