Директорот на Европскиот стабилизациски механизам, Клаус Реглинг, не ја исклучува можноста на Грција да и биде потребна дополнителна финансиска помош од нејзините меѓународни кредитори, по завршувањето на сегашната програма за помош кон средината на 2014 година.
Аналитичарите претходно предупредија дека е можно Грција да побара трет пакет финансиска помош за зајакнување на економијата и за излегување од кризата и оти тоа може да се очекува уште следната година.
Износот на дополнителната транша значително ќе надмине десет милијарди евра, а точната висина на помошта ќе зависи од состојбата на грчкиот буџет и од тоа дали кредиторите ќе се одлучат за уште едно отпишување на долговите на земјата.
Германскиот министер за финансии, Волфганг Шојбле, исто така, изрази мислење дека Атина нема да закрепне без дополнителна помош, но не го поддржува ставот дека е неопходно уште едно отпишување на дел од грчкиот долг.
Германската канцеларка Ангела Меркел засега не преферира да дискутира за трет пакет помош за Грција, која досега доби два спасувачки пакети со вкупна вредност од 250 милијарди евра.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


