Охридскиот Основен суд денеска го осуди Христијан Шапкар на затворска казна од 7 години, поради сторено кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот – објави Прес 24. Судот го прогласи Шапкар за виновен за глисерската несреќа на 22. август 2009 година, во која животот го загуби скопјанката Ирина Романова-Муцунска.
Христијан Шапкар управувајќи со глисерот, кобната вечер ја усмрти Романова – Муцунска.
Досието за несреќата беше комплетирано со резултатите од обдукцијата, вештачењето на глисерите што го извршија неколкумина машински и сообраќајни инженери од Републичкиот завод за судски вештачења, како и со доказен материјал што беше пронајден на дното на Охридското Езеро, на местото каде што се случи судирот меѓу двата глисера.
Трагедијата се случи пред влезот во каналот Студенчишта во Охрид, кога пловилото на Шапкар удрило во глисерот на Муцунска, по што прелетало над неа. Обдукцијата што ја правеше патолог од Битола потврдила дека немало контакт меѓу глисерот на Шапкар и телото на загинатата Муцунска. Таа, според наодите на обдукцијата, починала како резултат на силниот удар од другиот глисер, кој нагло ја исфрлил, по што со главата удрила во остар агол од пловилото и паднала во вода. Резултатите покажаа и алкохол во крвта на Шапкар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


